Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар ја оствари својата цел во 27-то коло од Првата македонска фудбалска лига. Во 102-то историско скопско дерби одиграно на Националната арена „Тодор Проески“, „црвено-црните“ потешко од очекувањата, со минимални 1:0 го совладаа градскиот ривал Работнички.
Со овој важен триумф, избраниците на Гоце Седлоски привремено се одлепија на четири бода предност пред второпласираната Шкендија (која допрва треба да го одигра својот натпревар од ова коло), додека Работнички го запиша вториот пораз по ред и останува во опасната зона, стравувајќи за својот прволигашки статус.
Вардар тргна фуриозно уште од самиот старт. Веќе во 2-та минута капитенот Азер Омерагиќ имаше огромна шанса, но по неговиот удар со глава, рамката од голот го спаси Работнички. Десетина минути подоцна, Омерагиќ повторно се најде во одлична позиција, но гостинскиот голман Фабрис Ондоа брилијантно интервенираше.
Иницијативата на Вардар конечно вроди со плод во 22-та минута. Српскиот интернационалец Стефан Цветковиќ изведе мајсторски слободен удар од околу 22 метри. Топката прецизно ја погоди стативата и заврши во мрежата на немоќниот Ондоа, предизвикувајќи ерупција од одушевување на трибините.
Во продолжението од првиот дел темпото на игра значително падна. Работнички се обиде да се закани преку Сухељ Мухарем во 33-тата минута, но неговиот удар заврши покрај голот.
На стартот од второто полувреме (52-ра минута), „романтичарите“ ја имаа својата најубава шанса за израмнување. Зија Мерџани во соло акција успеа да надитри неколку противнички фудбалери, но голманот на Вардар, Давор Талески, беше на висина на задачата и го скроти неговиот удар. До крајот на натпреварот, Вардар имаше можност преку Закариќ и резервистот Пулејо да ја направи победата поубедлива, но резултатот остана непроменет.
Во следното коло кое е на програмата наредниот викенд, Вардар го очекува ново градско дерби и гостување кај фенерџијата Шкупи, додека Работнички ќе има клучен дуел за опстанок на домашен терен против екипата на Арсими.



