Возбудлива рунда во ПМФЛ: Арсими со голем камбек, Македонија ЃП спасена во финишот

Објавено:

Драматични натпревари, неизвесност и голови го одбележаа денешниот ден во Првата македонска фудбалска лига. Арсими и Работнички одиграа вистински трилер во Тетово, додека во Скопје, Македонија ЃП и Башкими ги поделија бодовите по ново возбудливо реми.

Арсими – Работнички 2:2 (0:2)

Арсими уште еднаш покажа дека нема да се предаде лесно. Иако по првото полувреме губеше со 0:2, тимот од Чегране со храбра игра и силен притисок успеа да извлече бод во завршницата.

Работнички поведе во 40. минута со погодок на Демир Имери, а само минута подоцна, несреќно, Дрлевиќ ја погоди сопствената мрежа за 0:2. Се чинеше дека “романтичарите” ќе го однесат целиот плен, но Арсими во вториот дел одигра со многу повеќе енергија.

Во 68-та минута, Башким Велиу испрати вистинска бомба од 35 метри и намали на 1:2, а во самиот финиш во 85-та минута, по мешаница во шеснаесеттникот, Албан Таипи успеа да израмни. Првично голот беше поништен поради офсајд, но ВАР-интервенцијата ја смени одлуката и донесе голема радост на домашната публика.

Со ова реми, Арсими ја продолжи позитивната серија и се искачи на осмото место со 12 бодови, додека Работнички останува десетти со само 7, во сериозна резултатска криза.

Македонија ЃП – Башкими 1:1 (0:0)

Извор: https://www.ffm.mk

Во Скопје, Македонија ЃП и Башкими одиграа натпревар со две различни полувремиња и поделба на бодовите. Иако прв поведе Башкими, домашните на крајот успеаја да избегнат пораз.

По мирно прво полувреме, гостите поведоа веднаш по паузата. Симоновски го блокираше голманот Јанков при исфрлување на топката, што му овозможи на Аворнио лесно да погоди од седум метри за 0:1.

Македонија ЃП потоа притисна и создаде неколку добри шанси. Во 77-та минута, Стоилов ја погоди пречката, а само неколку моменти подоцна, Пецов со удар што помина и низ рацете на гостинскиот голман, израмни на 1:1.

Во самиот финиш, двете екипи имаа можност за победа. Алими за Башкими шутираше слабо, а Маркоски во последните секунди промаши од идеална позиција.

Башкими со овој бод останува стабилно во средината на табелата, додека Македонија ЃП продолжува да бара излез од долниот дел на пласманот.

Следете нè: Facebook | Instagram | X 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено