Најочекуваниот блокбастер од првото коло, заврши како просечен и претпазлив натпревар од двете страни. На преполниот „МетЛајф Стадион“ во Њу Џерси, пред рекордни 80.663 гледачи, репрезентациите на Бразил и Мароко одиграа натпревар кој заврши без победник, 1-1, резултат кој беше можеби и најреален исход од прикажаното на теренот. Овој дуел привлече огромен број светски познати суперѕвезди на трибините – од Том Брејди и Тревис Скот, преку Зинедин Зидан и Пол Погба, па сè до бразилските култни легенди Роналдо, Кака, Роберто Карлос и Марсело.
Сепак, пред самиот почеток на мечот, првите критики пристигнаа од теренот. Официјалните аналитичари и репортерите на „Телемундо“ истакнаа дека подлогата на стадионот кој треба да го пречека големото мундијалско финале изгледала „неподготвена за фудбал“ и дека топката немала природно движење. На таквиот терен, Мароканците, кои пред четири години играа полуфинале, покажаа дека веќе не се никакво изненадување, туку зрела светска велесила која во првите 30 минути комплетно ја надигра и ја сопре збунетата селекција на Бразил.
Шокот на Саибари и спасот во режија на Винисиус
Африканскиот контраверзен шампион започна со застрашувачко темпо и стигна до заслужено водство во 21-та минута по голема грешка во бразилската дефанзива. Настана тотално недоразбирање во комуникацијата меѓу голманот на Ливерпул, Алисон Бекер, и неговите стопери Габриел и Маркињос. Топката падна директно кај 25-годишниот офанзивец на Феенорд, Исмаел Саибари, кој со нереална прецизност и сублимен нежен лоб од далечина го префрли излетаниот Алисон за шокантни 1-0. Ова беше историски, прв погодок за Мароко против јужноамериканска селекција во мундијалската историја.
Мароко продолжи со брутален притисок и до 30-та минута упати дури 12 удари кон бразилскиот гол (најмногу со кои се соочил Бразил уште од 2018 година). И кога се чинеше дека „Кариоките“ се наоѓаат пред целосен колапс, на сцена стапи чистиот индивидуален квалитет. Во 32-та минута, на својот јубилеен 50-ти настап за репрезентацијата, Винисиус Жуниор прими топка од Бруно Гимараеш, со брз дриблинг влезе во шеснаесеттникот и упати застрашувачки силен и прецизен удар во аголот на Јасин Буну за израмнување на 1-1. Пред самиот крај на полувремето, Лукас Пакета со атрактивен ножичен удар за малку не донесе целосен пресврт, но Боно покажа нереални рефлекси.
Критики за „војската“ на Анчелоти и паника во финишот
Свесен за очајната игра на средината на теренот, каде 34-годишниот Каземиро изгледаше тотално бавен и немоќен против брзите марокански играчи (медиумите веќе го прогласија комплетно „подготвен за МЛС лигата“), Карло Анчелоти направи шокантен потег на полувремето. Тој ги извади од игра Каземиро и Роџер Ибањез (двајцата имаа и жолти картони), а во игра ги внесе Данило и Фабињо. Светските аналитичари веднаш се пошегуваа дека ова почнува да личи на „војска на старци“ во бразилски стил, што јасно го покажува дефицитот на креативни млади играчи на средината.
Во второто полувреме Бразил ја презеде контролата врз поседот и темпото, а најголемата шанса ја пропушти Рафиња, кој за влакно доцнеше на еден остар центаршут на Гимараеш. Токму Рафиња по завршувањето на мечот остана долго да седи на теренот со медицинскиот тим кој му ја прегледуваше десната нога, што внесе сериозна паника кај Бразилците.
Навивачите на трибините во неколку наврати бучно скандираа и бараа влез на младото чудо Ендрик, но Анчелоти реши да го остави на клупата, потег кој веќе предизвика лавина жестоки критики во бразилските медиуми. Во последните секунди од судиското продолжение (кое изнесуваше дури 10 минути), Алисон Бекер со нереална двојна одбрана по ударите на Ел Ајнауи и Амаимуни го спаси Бразил од пораз во последните секунди. Со ова реми, Бразил го задржа својот импресивен 92-годишен рекорд без пораз на отварањето на Мундијалите (последен пат загубиле во далечната 1934 година), но сепак не веруваме дека оваа игра и резултат ќе ги задоволи високите апетити на бразилските навивачи.



