§ Денес на Мундијалот: Нагелсман брка мирен старт, Потер дебитира со Шведска

 

Објавено:

Мундијалскиот бран продолжува со максимална пареа, а по вчерашните спектакуларни пресметки, четвртиот натпреварувачки ден ни ја носи новата голема фудбалска маратонска програма. Денеска одново се селиме во четири различни мундијалски стадиони со четири исклучително возбудливи натпревари.

Преку нашата платформа секојдневно ви носиме детална најава, длабока аналитика за екипите и нашите очекувања за исходот на фудбалските арени. Денешниот ден носи деби за натпреварите во Групата Е и Групата Ф.

Германија – Курасао (Група Е)

  • Почеток: 19:00 часот
  • Стадион: „НРГ Стадион“ (Хјустон)

Наше очекување: Германија влегува како апсолутен и изразен фаворит на ова отворање. По двете последователни болни елиминации во групната фаза на претходните два шампионати, селекторот Јулијан Нагелсман нема право на нов кикс и со сите сили ќе брка убедлив триумф. Неговиот систем комплетно се заснова на брза креација преку двајцата вонсериски плејмејкери Флоријан Вирц и Џамал Мусиала. Иако зад нив е нешто помирна клупска сезона, нивното комбинирање со Каи Хаверц во нападот треба да биде повеќе од доволно за сигурен старт.

Нивниот противник, малата карипска островска нација Курасао со околу 185.000 жители, влезе во историјата како најмалата земја која некогаш изборила пласман на едно Светско првенство. Предводени од искусниот Дик Адвокат, тие беа непоразени во 10 квалификациски мечеви во КОНКАКАФ зоната со фудбалери главно пораснати во Холандија. Сепак, нивниот фудбал ориентиран на посед вечерва налетува на пресилен противник, а тешкиот пораз од 4-1 против Шкотска во подготовките покажа дека разликата во класа е преголема. Очекуваме рутинска победа на Германија со повеќе голови во противничката мрежа.

Холандија – Јапонија (Група Ф)

  • Почеток: 22:00 часот
  • Стадион: Мундијалски стадион

Наше очекување: Ова е дефинитивно блокбастерот на денот и натпревар кој ветува фантастичен, отворен и напаѓачки фудбал. Иако Холандија на Роналд Куман ја носи фаворитската улога, нивната форма во изминативе месеци е далеку од очекуваното ниво. Предводени од капинетот Вирџил ван Дајк, „лалињата“ се цврсти во задната линија, но сериозно хендикепирани со неиграњето на клучните повредени ѕвезди Чави Симонс и Матајс де Лихт. Во нападот тие премногу зависат од Мемфис Депај, а Коди Гакпо ќе мора итно да ја заборави лошата сезона во Ливерпул.

Јапонија е застрашувачки опасен противник кој веќе докажа дека знае како се рушат европските гиганти, уривајќи ги Шпанија и Германија во 2022 година, како и победувајќи ги Бразил и Англија во пријателски мечеви во изминатиов период. Хаџиме Моријасу има неверојатна длабочина во составот, па и покрај повредите на капинетот Ватару Ендо и Каору Митома, тие имаат застрашувачки сили. Креативниот товар ќе го носи „јапонскиот Меси“, Такефуса Кубо, а головите ќе се бркаат преку најдобриот стрелец во Ередивизија, Ајасе Уеда, и брзиот Даизен Маеда од Селтик. Нашето уредничко чувство вели дека Јапонија тактички целосно ќе ја надигра Холандија и дека овој пеколен натпревар ќе заврши со крајно возбудливо реми со голови.

Брег на Слонова Коска – Еквадор (Група Е)

  • Почеток: 01:00 часот по полноќ (понеделник наутро по наше време)
  • Стадион: „Линколн Фајненшал Филд“ (Филаделфија)

Наше очекување: Ова е дуел на два исклучително тешки, дефанзивни и физички силни тимови каде буквално секој исход е во игра. Брегот на Слоновата Коска пристигнува со огромни амбиции по ланскиот Африкански куп, а нивната дефанзивна моќ е нереална – тие не примија ниту еден единствен гол во 10-те квалификациски натпревари. Сепак, на тимот му недостига класичен, расен стрелец, па офанзивата ќе зависи од експлозивноста на Николас Пепе, Амад Дијало од Манчестер Јунајтед и младиот Јан Диоманде од Лајпциг.

Еквадор е вистински јужноамерикански челичен состав. Тие примија само 5 гола во 18 квалификациски мечеви во Јужна Америка, завршувајќи на второто место пред велесилите Бразил, Колумбија и Уругвај (и тоа со почетна казна од минус 3 бода). Нивната задна линија предводена од Пјеро Инкапие, Вилијан Пачо и Џоел Ордоњез е перфектно заштитена од Моисес Каиседо од Челси, додека во нападот сè уште е незаменливиот 36-годишен ветеран Енер Валенсија. Очекуваме тактичко надмудрување и вистинска војна на средината од теренот, која најверојатно ќе заврши со дефанзивно реми без многу голови.

Шведска – Тунис (Група Ф)

  • Почеток: 04:00 часот наутро (понеделник наутро по наше време)
  • Стадион: „Стадион ББВА“ (Монтереј)

Наше очекување: Вистинско чудо е како Шведска воопшто се пласираше на овој шампионат. Тие не победија ниту еден натпревар во главните квалификации, но влегоа во баражот поради успешната сезона во Лигата на нации под водство на тогашниот селектор, за потоа новиот кормилар Греам Потер во март преку епски победи над Украина и Полска да обезбеди виза. Потер има сериозни проблеми во составот бидејќи клучниот мотор во средниот ред, играчот со македонско потекло Дејан Кулушевски го пропушта турнирот поради повреда. Сепак, целиот товар паѓа врз застрашувачкото напаѓачко дуо Александар Исак (Ливерпул) и Виктор Ѓокереш (Арсенал).

Тунис влегува во овој дуел по вистинска резултатска катастрофа во подготовките каде претрпеа тежок пораз од 5-0 од Белгија и 1-0 од Австрија. Новиот тренер Сабри Ламуши, кој ја презеде клупата по неуспехот на Африканскиот куп, се потпира исклучиво на дефанзивата каде во квалификациите не примија гол на 10 меча. Главна виолина во тимот е Ханибал Межбри од Борнмут, но Тунижаните имаат застрашувачки проблем со реализацијата. Иако Шведска покажа пасивност во одбраната (пораз од Норвешка 3-1), нивниот индивидуален квалитет во нападот со Исак и Ѓокереш е преголем, па очекуваме минимална победа на Швеѓанците.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено