Светското првенство во фудбал уште на самиот почеток се соочува со сериозни вонфудбалски и бирократски проблеми кои директно влијаат врз составите на репрезентациите. Најновата голема жртва на строгите имиграциски закони е првата ѕвезда на репрезентацијата на Гана, Томас Парти. Искусниот 32-годишен играч за врска на шпански Виљареал нема да може да настапи на премиерниот натпревар на својата земја против Панама во Торонто, откако канадските власти официјално му го одбија барањето за виза и му забранија влез во земјата.
Парти во моментов се наоѓа во тренинг-базата на Гана во Бостон (САД), од каде што не успеа да отпатува со остатокот од тимот за Канада. Светската фудбалска федерација (ФИФА) експресно се огласи со соопштение во кое појасни дека е немоќна во оваа ситуација, потенцирајќи дека светската куќа на фудбалот не е вклучена во имиграциските процеси на земјите домаќини и дека секоја влада има апсолутно суверено право да одреди кој ќе добие виза.
Строгите канадски закони против американската флексибилност
Причината за канадската рампа лежи во тековниот правен процес кој се води против поранешниот фудбалер на Арсенал и Атлетико Мадрид. Парти се соочува со седум обвиненија за силување и еден напад од сексуална природа, покренати од четири различни жени за инциденти во периодот меѓу 2020 и 2022 година. Иако фудбалерот се изјасни за невин по сите точки и сè уште нема правосилна пресуда, судењето е закажано за следната година.
На официјалниот веб-сајт на канадската влада јасно стои правилото: „Ако сте извршиле или сте обвинети за кривично дело, може да не ви биде дозволен влез во Канада“. Од друга страна, пограничните служби на САД покажаа поголема флексибилност. Тие потврдија дека се запознаени со судскиот процес кој се води во Велика Британија, но бидејќи Парти не е осуден, му беше одобрена американска виза за престој во Бостон.
Квироз дециден: „Оставете ја реката да тече кон океанот на вистината“
Пред почетокот на шампионатот, искусниот селектор на Гана, Карлос Квироз, имаше јасен и дециден став околу одлуката да го повика Парти во тимот и покрај тешките обвиненија.
„Ако играчот е тука со мене, мојот одговор е кристално јасен. Немам намера да ги коментирам сопствените одлуки. Тој е дел од овој тим и тоа е тоа. Ниту јас, ниту вие сме тука за да носиме пресуди. Оставете ги настаните да си течат по својот природен тек; оставете ја реката да тече, а еден ден кога таа ќе се спои со океанот, сите ќе ја дознаеме вистината“, изјави претходно поетично Квироз.
Парти ќе може да им помогне на соиграчите во преостанатите два натпревари од Групата Л, бидејќи Гана следните мечеви против Англија (23 јуни во Бостон) и против Хрватска (27 јуни во Филаделфија) ги игра на американско тло. Сепак, вистинскиот пекол за Гана доаѓа подоцна – доколку завршат како второпласирани во групата, натпреварот од шеснаесетфиналето повторно ќе мора да го играат во Торонто, што значи дека Парти автоматски би бил суспендиран и за нокаут-фазата.
Мундијалски граничен хаос: Парти не е единствената жртва
Ова Светско првенство во Северна Америка веќе се претвора во кошмар за пограничните служби на трите земји домаќини. Случајот со Парти е само капка во морето од проблеми со кои се соочуваат репрезентациите:
- Ајмен Хусеин (Ирак): Напаѓачот на Ирак беше задржан и испрашуван со часови на аеродромот во Чикаго пред конечно да му биде дозволен влез во САД.
- Репрезентација на Иран: Иранците беа принудени комплетно да ја преселат својата мундијалска база во Мексико, откако на голем дел од нивната државна делегација им беа одбиени американските визи, а ФИФА веќе им одзема дел од влезниците на нивните навивачи.
- Омар Артан (Сомалија): Најдобриот африкански судија за 2025 година, за кого веќе пишувавме дека како замена ќе го суди Европскиот Суперкуп, доби црвено светло од администрацијата на Доналд Трамп под сомнение за наводна поврзаност со милитантната група „Ал Шабаб“, обвинување кое младиот судија најостро го демантираше преку американските медиуми.



