Англиската фудбалска експедиција конечно може да се фокусира исклучиво на фудбалот! По неверојатната низа на бизарни инциденти кои ги следеа од нивното пристигнување во САД (вооружена пресметка во близина на кампот, земјотрес во Флорида и филмски грабеж на спортската опрема), пристигнуваат одлични вести за селекторот Томас Тухел.
Локалната полиција во Канзас Сити, Мисури, успеа да ги лоцира и да ги врати украдените работи од карго-комбето на англиската репрезентација. Опремата беше украдена додека логистичкиот тим на ФА ја поставуваше новата мундијалска база во тренинг-центарот „Своп Сокер Вилиџ“, но за среќа, кризата е решена пред нивниот вечерашен премиерен натпревар против Хрватска во Далас.
Паднаа арамиите: Што сè беше украдено?
Американските власти брзо реагираа и уапсија две лица во врска со инцидентот. Мустафа Салик и Ерфан Камал се официјално обвинети за кривично дело примање и задржување на украдена сопственост.
Интересно е што по полициската акција, конечно се знае и точниот список на работи кои биле извадени од неутовареното комбе. Покрај тренинг-опремата, крадците успеале да земат:
- Четири пара персонализирани натпреварувачки копачки.
- Пет пара спортски патики.
- Три потпишани национални дресови на Англија (проценети на околу 5.000 долари).
- Официјална топка за Светското првенство.
- Еден преносен звучник (во вредност од 150 долари).
- И еден прилично бизарен сувенир – колекционерски Лего сет во форма на „Nike Air“ патика.
Американската правда не простува
Обвинителката на округот Џексон, Мелеса Џонсон, испрати строга и јасна порака по брзото апсење на крадците, потенцирајќи дека ваквите инциденти фрлаат црна дамка врз организацијата на Мундијалот.
„Округот Џексон нема да толерира никаква криминална активност која е насочена кон посетителите на Светското првенство, вклучувајќи ги и меѓународните репрезентации кои допатуваа тука за да се натпреваруваат. Нашата канцеларија е максимално посветена овие поединци да одговараат за своите постапки“, изјави Џонсон.
Според законите во државата Мисури, за овој тип на кривично дело, на крадците им се заканува затворска казна во траење од една до седум години.
Со вратена опрема и мир во соблекувалната, Тухел и неговите ѕвезди сега можат да се подготват за вечерашниот спектакл против Хрватска, по што во рамките на групата ги очекуваат дуели со Гана и Панама.



