За оние најоддадените фудбалски фанови во Македонија кои го навија будилникот за терминот од 6 часот наутро, последниот натпревар од шестиот мундијалски ден донесе испишување на нова историја. Репрезентацијата на Австрија го совлада апсолутниот дебитант Јордан со 3-1 на стадионот во Сан Франциско, остварувајќи ја својата прва победа на Светските првенства уште од далечната 1990 година (кога на 19 јуни славеа против САД со 2-1).
Избраниците на поранешниот менаџер на Манчестер Јунајтед, Ралф Рангник, кои патем го играат својот прв Мундијал по 1998 година, ја оправдаа фаворитската улога, но мораа добро да се испотат за да го скршат отпорот на храбрата азиска селекција.
ВАР-драма, автогол и пенал длабоко во продолжението
Австрија одлично го отвори натпреварот и поведе во 21-та минута со еден навистина фантастичен, неодбранлив удар на Романо Шмид.
Сепак, 67-мо рангираната репрезентација во светот покажа дека не е дојдена во Америка со бело знаме. Само пет минути по почетокот на второто полувреме, Али Олван испрати прекрасен свиткан удар и израмни на 1-1, предизвикувајќи делириум меѓу јорданските навивачи со првиот гол во историјата на Јордан на светските првенства.
Натпреварот влезе во драматична фаза кога ветеранот Марко Арнаутовиќ ја смести топката во мрежата по една мешаница и лоша реакција на јорданскиот голман Јазид Абулаила. Но, радоста на Австријците беше краткотрајна бидејќи ВАР-собата интервенираше, а снимката покажа дека топката претходно го удрила во рака Стефан Пош, по што голот беше поништен.
И покрај тоа, притисокот на австрискиот пресинг-систем вроди со плод во 76-та минута. По еден опасен корнер, несреќниот Јазан Ал Араб несмасно реагираше и ја смести топката во сопствената мрежа за ново водство на Австрија од 2-1. Конечниот удар го зададе Марко Арнаутовиќ, кој рутински реализираше пенал во 12-та минута од судиското продолжение (90+12′) за неговиот мундијалски првенец, откако Салим Обаид играше со рака во казнениот простор.
Што ги чека во следното коло?
Со овие три бода во џебот, Австрија сега се подготвува за мега-пресметката против актуелниот шампион Аргентина (в понеделник), натпревар во кој Лионел Меси ќе брка само еден гол за да стане апсолутен најдобар стрелец во историјата на Мундијалите. Од друга страна, Јордан покажа одлична борбеност и ќе бара позитивен резултат против Алжир (в вторник во 4 часот наутро) пред да ги одмери силите со „Гаучосите“ во последното коло.



