§ Зошто сите носат розови копачки на Мундијалот? Тајната зад најголемиот моден тренд на СП 2026!

 

Објавено:

Доколку редовно ги следите застрашувачки возбудливите натпревари на почетокот на овој Мундијал, немаше како да не забележите еден фасцинантен визуелен детаљ кој боде очи. Наместо вообичаеното шаренило од бои, тревата на стадионите ширум САД, Мексико и Канада е преплавена со впечатливо монохроматско лудило – речиси сите фудбалери носат светлорозови копачки.

Најголемите светски спортски гиганти како „Најк“, „Адидас“, „Пума“, „Њу Баланс“ и „Скечерс“ истовремено ги лансираа своите специјални мундијалски колекции во речиси идентична нијанса на силно розова боја.

„Луѓето велат дека е коинциденција, но ова се случува премногу пати за да биде случајно“, објаснува Бен Ворен, основач на познатата компанија „BW Boots UK“, која ги снабдува мундијалските ѕвезди со ретки копачки. „Различни брендови исфрлија модели во речиси иста боја. Сме гледале слични нијанси во минатото, но на ова Светско првенство сите изгледаат комплетно исто“.

Извор: https://www.adidas.com

Психологија на самодоверба и брутален контраст со тревата

Како тогаш сите производители независно паднаа на истата идеја? Одоинга Нимако, еден од водечките луѓе во глобалниот сектор за фудбалски обувки во „Најк“, открива дека клучот е во барањата на самите спортисти.

„Она што постојано го слушаме од атлетите и потрошувачите, особено кога станува збор за огромни турнири и големи моменти, е дека светлите бои им даваат дополнителна самодоверба. Розовата е токму таква боја. Кога носите толку гласна и нападна боја, тоа испраќа порака: ’Мора да бидеш навистина застрашувачки добар фудбалер за да се појавиш во вакви копачки‘“, објаснува Нимако.

Извор: puma.com

Покрај психолошкиот момент, тука е и чистата маркетинг наука за визуелен импакт. За време на тестирањата на теренот, развојните тимови забележале дека розовата боја прави најдобар и најбрутален можен контраст против зелената трева. Без разлика дали гледате од трибините на стадионот или пред ТВ-екраните, розовата боја веднаш „скока“ во очи. Дополнителен бонус е што ниту една репрезентација на ова СП нема примарен розов дрес (најблиску е само резервната варијанта на Белгија), па така копачките совршено отскокнуваат од комплетната опрема на играчите.

Светските брендови ги крстија овие специјални мундијалски пакети со звучни имиња:

  • Nike ја извади колекцијата „Breakout Pack“;
  • Adidas напаѓа со пакувањето „Road to Glory“;
  • Puma го претстави својот „Showtime“ модел;
  • New Balance ги опреми своите играчи со „Pure Ambition“.
Извор: New Balance

Кој ги крши правилата? Меси, Роналдо и судиите на ФИФА

Сепак, во ова розево море, неколку култни имиња решија целосно да го игнорираат трендот, најчесто оние на кои не им требаат дречливи патики за да го привлечат вниманието. Први на листата се судиите на ФИФА. Светската куќа на фудбалот потврди дека од арбитрите строго се бара да носат традиционални, класични црни копачки, изработени од нивниот официјален спонзор „Адидас“.

Од играчите, пак, најголемите икони добија уникатен третман:

Лионел Меси на овој турнир настапува со специјалниот модел „El Ultimo Tango“ од „Адидас“, кој е обоен во бела и светлосина боја за да одговара на знамето на Аргентина, зачинет со светкави златни детали.

Извор: https://www.adidas.com

Кристијано Роналдо доби брутално моќна, специјално дизајнирана целосно златна верзија од „Најк“ за да се прослави неговиот историски рекорд и учеството на неговото шестто Светско првенство во кариерата. Истите ќе бидат официјално претставени пред првиот натпревар на Португалија на Мундијалот, но успавме да најдеме некоја верзија на интернетот, но за официјалната ќе мора да почекаме.

Килијан Мбапе ги доби кралско виолетовите Nike Mercurial Superfly.

Кристијан Пулишиќ ги носи своите уникатни „Kidsuper x Puma Ultra 6“, кои се бели со сини ѕвезди, симболизирајќи го знамето на САД.

Извор: puma.com

Најголемиот дел од останатите фудбалери се договорно обврзани да ги носат розовите модели кои им ги доделија спонзорите. Сепак, ова розево лудило нема да трае вечно – експертите најавуваат дека веќе на крајот на јули, со стартот на новата клупска сезона, брендовите ќе лансираат сосем нови бои. Дотогаш, уживајте во највпечатливиот моден марш во историјата на Мундијалите!

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено