По поразот од Манчестер Сити (1-2) во Лигата на шампионите, притисокот врз тренерот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, ескалираше до критично ниво. Иако резултатот го доведе Алонсо на работ на отказ, играчите на Реал застанаа зад својот тренер, испраќајќи јасна порака за единство.
Како што јавува „The Athletic“, и покрај тоа што клубот има само две победи во последните осум натпревари (и е четири бода зад лидерот Барселона во Ла Лига), фудбалерите јавно му ја изразија својата поддршка на стратегот кој го замени Карло Анчелоти во мај.

Белингем: „100% Сме зад него“
Ѕвездата на тимот, Џуд Белингем, беше најгласен по натпреварот, инсистирајќи дека тимот е целосно зад Алонсо.
„Како играч, гледајќи што имаме во соблекувалната, работејќи со тренерот секој ден, мислам дека имаме сè што ни треба за да ја свртиме ситуацијата“, изјави Белингем за „TNT Sports“.
На директно прашање дали тимот го поддржува Алонсо, англискиот репрезентативец беше недвосмислен: „100 проценти. Мислам дека менаџерот е одличен. Јас лично имам одличен однос со него, како и многу од момците… Никој не се предава, никој не се жали, ниту пак мисли дека сезоната е завршена“.
Поддршката ја демонстрираше и Родриго, кој веднаш по постигнувањето на водечкиот гол го прегрна својот тренер на аут-линијата. „Ова е тежок момент, за нас и за него исто така“, изјави Родриго, „Сакав да покажам на сите дека сме заедно со нашиот тренер. Ни треба ова единство за да продолжиме напред“.
Голманот Тибо Куртоа додаде дека тие одиграле со 100% и дека поразот не бил тест за Алонсо.

Драмата со Винисиус останува!
Сепак, јавната поддршка доаѓа наспроти сериозните извештаи за нарушени односи меѓу Алонсо и една од најголемите ѕвезди, Винисиус Жуниор.
„The Athletic“ ја пренесе информацијата дека бразилскиот напаѓач наводно му кажал на клубот дека нема да потпише нов договор додека односот со тренерот остане толку напнат.
Ова доаѓа по инцидентот на „Ел Класико“ во октомври, кога Винисиус луто реагираше на неговата замена. Иако подоцна се извини на социјалните мрежи, тој ги спомена навивачите, соиграчите и претседателот Перез, но намерно го изостави Алонсо, што ја засилија гласините за длабок конфликт.
Од друга страна пак, меѓу навивачите вчера по поразот владееше вистински револт. „Винисус и таквите како него? Тие одат само по парите“, „Алонсо да остане, Вини да си оди!“, беа само дел од коментарите на присутните на натпреварот на Сантијаго Бернабеу.
Реал Мадрид се враќа на акција во недела, кога му гостува на Алавес во Ла Лига, натпревар кој ќе биде клучна можност за тимот да докаже дека зад јавните изјави стои и вистинско единство на теренот.



