Големите модерни стадиони најчесто импресионираат со својата модерна технологија, врвни капацитети и големина, но ширум светот постојат стадиони кои сè уште го носат локалниот шарм и нудат пејсажи во позадина со какви што не можат да се пофалат модерните гигантски градби.
Ние ви издвоивме дел од нив, па уживајте во глетките на овие стадиони.
Дополнување: Благодарение на нашиот пријател и верен читател Ѓорѓи Б., на листата додадовме уште четири стадиони, кои можете да ги погледнете во продолжение на нашата првична листа. 🙂
1. Еуропа Поинт стадионот на Гибралтар
Сместен покрај препознатливата Карпа на Гибралтар, овој стадион неодамна беше реконструиран за да ги исполнува стандардите на УЕФА категорија 2. На овој стадион игра клубот Линколн Ред Импс, кој во 2021 година испиша историја како прв клуб од Гибралтар кој успеал да дојде до европско групно натпреварување.
Иако првично било планирано стадионот да има капацитет од 8,066 седишта, после пренамената во мулти-спортски објект, нема детални информации, но бројот на седишта е значително помал од планираното. Сепак, неговата локација и поглед го прават еден од најуникатните во светот.

2. Централ Коуст стадион, Австралија
Ретко кој стадион може да се пофали со палми зад голот, но оваа привилегија му припаѓа на Централ Коуст, сместен во Госфорд, Австралија. Со капацитет од 20,059 седишта, тој е вториот најмал стадион во Првата лига, а е домаќин на клубовите Централ Коуст и Лиг Клаб Филд.


3. Стадионот Џузепе Синигаља во Комо, Италија
Кога ќе се спомене Комо, веднаш ни доаѓаат на ум прекрасното езеро, луксузните вили и свадбите на холивудските ѕвезди. Но, покрај оваа гламурозна страна, Комо нуди уште една атракција за љубителите на фудбалот – стадионот Џузепе Синигаља.
Сместен веднаш покрај езерото, со капацитет од 13,602 седишта, овој стадион е дом на тимот Комо, кој моментално се натпреварува во првата италијанска лига (Серија А). Уживањето во фудбалски натпревар овде носи посебна магија. Со поглед на езерото и Алпите во позадина, ова е едно од најживописните места за спорт во Европа.

4. Стадионот Пјер Луиџи Пенцо во Венеција, Италија
Во тесниот град каде каналите се улици, а просторот е луксуз, се наоѓа стадионот Пјер Луиџи Пенцо, дом на Венеција ФК веќе 110 години. Иако клубот во последните години стана светски познат по своите модно инспирирани дресови, овој стадион заслужува подеднакво внимание.
Сместен на работ на Венеција и опкружен со марини, стадионот е достапен само пеш или со брод, па ова е можеби единствениот стадион во целиот свет до кој можете да дојдете со брод. Неговата уникатна локација го прави еден од најспектакуларните и најневообичаени фудбалски стадиони во светот.

5. Естадио ББВА – Нуево Леон, Мексико
Ретко кој од модерните зданија може да се пофали со поглед каков што има овој стадион, па на секој домашен натпревар навивачите на мексиканскиот клуб Монтереј можат да уживаат во спектакуларната глетка на планинските врвови Серо де ла Сиља, кои се еден од симболите на регионот.
Стадионот е дизајниран од архитектонската фирма Популус во соработка со мексиканската VFO, а водечки дизајнери на проектот беа Федерико Веласко и тимот од Популус. Изградбата започна во август 2011 година, а стадионот беше отворен во јули 2015 година со капацитет од 51.000 гледачи, што го прави четврти по големина во Мексико.

6. Стадионот Корендон Ерлајнс Парк Анталија во Анталија, Турција
Во познатиот туристички град Анталија, препознатлив по своите “ол-инклузив” летни одмори, на ридот над градот се издигнува стадион што наликува на скапоцен камен – Корендон Ерлајнс Парк.
Официјално именуван по спонзорот, стадионот е дом на турскиот Суперлигаш Анталијаспор и има капацитет од 32.537 седишта. Комплетно е покриен, со модерен изглед и одлична инфраструктура, но она што навистина го издвојува е неговата одржливост. На покривот се поставени соларни панели кои дневно произведуваат околу 7.200 kWh електрична енергија, што е доволно за целосно месечно снабдување на стадионот. Спој на технологија, луксуз и прекрасна локација.

7. Стадионот Кантрида во Ријека, Хрватска
Стадионот Кантрида е вистинска реткост. Сместен веднаш на брегот на Јадранското Море, во западниот дел на Ријека, нуди поглед што секој љубител на фудбал и природна убавина би го посакал. Се наоѓа на помалку од 5 километри од историскиот центар на градот и железничката станица, што го прави лесно достапен.
Со капацитет од 10.600 седишта, овој стадион е дом на женскиот фудбалски клуб ЖНК Ријека. Кантрида е симбол на уникатен спој помеѓу спортот и морската убавина, а натпревар во ваква глетка е доживување што не се заборава.

8. Стадионот Тупраш (Бешикташ Парк) во Истанбул, Турција
Во непосредна близина на Босфорскиот Теснец, во срцето на Истанбул, се наоѓа стадионот на Бешикташ со капацитет од 42.590 седишта, дом на еден од најголемите турски клубови. Околу него се распослани некои од најпознатите туристички атракции, како што се палатата Долмабахче и плоштадот Таксим.
Стадионот не само што нуди врвна фудбалска атмосфера, туку и самиот по себе е архитектонски бисер. Со поглед кон Босфорот и близината на историски локации, овој стадион е вистинска станица за секој што планира градска прошетка низ Истанбул.

9. Стадионот Кејп Таун во Јужна Африка
Со капацитет од 58.310 седишта, стадионот во Кејп Таун е дизајниран така што целосно ја користи природната убавина на регионот. Ноќе, кога е осветлен, стадионот изгледа како лебдечка роза на црното небо, а преку ден, неговата фасада обложена со тефлон и стаклени влакна ја рефлектира атмосферата на градот, било да е под ведро небо или драматични сиви облаци.
Посебно внимание привлекува неговиот покрив. Иако изгледа како велосипедско тркало, станува збор за врвно архитектонско решение. Покривот пропушта светлина, ги штити гледачите од дожд и силен ветер, и ја намалува бучавата однатре. Водата од теренот и од покривот се собира и се пренасочува кон езерцата во близината, што го прави овој стадион пример за одржливост и еколошка свесност.


10. Субару Парк во Пенсилванија, САД
И во САД понекогаш знаат како да изградат стадион со поглед, наместо чиста мегаломанија. Субару Парк е домот на МЛС тимот Филаделфија Унион, и се истакнува со спектакуларен поглед кон масивниот мост Комодор Бери, кој ја преминува реката Делавер. Стадионот совршено се вклопува во индустрискиот амбиент на градот и располага со капацитет од 18.500 седишта.
Атмосферата, архитектурата и локацијата прават секоја посета на оваа арена да биде доживување.

11. Стадионот Луј Втори во Монако
Стадионот на Монако е вистински архитектонски подвиг. Изграден на површина која некогаш била море, тој е отворен во 1985 година од принцот Рејнје Трети. Стадионот го носи името на неговиот дедо, Луј Втори, а ова не е обичен стадион, туку комплетен спортски комплекс.
Покрај фудбалското игралиште, Стадионот Луј Втори располага и со олимписки базен, атлетска патека, кошаркарско игралиште, фитнес сала, административни простории и паркинг за 1.700 возила. Со капацитет од 18.500 гледачи, речиси половина од вкупното население на Кнежеството, стадионот е и симбол на луксузот, компактноста и спортската традиција на Монако.

12. Естади Национал во Андора
Дом на фудбалскиот клуб Андора, кој неодамна беше промовиран во Втората француска лига, овој стадион нуди неверојатен пејсаж. Сместен меѓу живописниот планински предел, стадионот со своите отворени трибини како да се претопува во планините кои се издигнуваат над него.


13. Стадионот Крестовски (Газпром Арена) во Санкт Петербург, Русија
Познат по својот футуристички дизајн кој потсетува на „вселенски брод“, овој стадион е сместен на островот Крестовски, опкружен со водите на Финскиот залив, нудејќи спектакуларна глетка.

14. Стадионот Аја Софија (ОПАП Арена) во Атина, Грција
Новиот дом на АЕК Атина е архитектонски омаж на византиското наследство на Цариград. Неговите надворешни ѕидини потсетуваат на древните тврдини, со што стадионот не е само спортски објект, туку и културен споменик.

15. Општинскиот стадион во Брага, Португалија
Вистинско архитектонско чудо, овој стадион е буквално вдлабнат во каменоломот Монте Кастро. Наместо трибини, зад едниот гол се наоѓа огромна карпа, додека другиот крај е отворен со панорамски поглед кон градот.

16. Новиот стадион на Евертон (Хил Дикинсон Стадион) во Ливерпул, Англија
Сместен на историското пристаниште Брамли-Мур, на брегот на реката Мерси, овој стадион е дизајниран да се вклопи во индустриското наследство. Комбинацијата на традиционална архитектура со модерен дизајн, веднаш до вода, создава уникатен и живописен амбиент.

Извор: https://www.placenorthwest.co.uk/ {Everton FC}



