Наполи повторно не успеа да пронајде вистинскиот ритам. Бледа игра, без идеи во нападот, и на крај само реми (0–0) против дисциплинираниот Ајнтрахт Франкфурт, во натпревар што повеќе зборува за проблемите на „Партеопеите“ отколку за нивните амбиции во Лигата на шампионите.
По тешкиот пораз од ПСВ (6–2), Наполи беше под притисок да одговори со победа на „Диего Армандо Марадона“, но повредите и суспензиите повторно го ослабнаа тимот. Лоренцо Лука беше надвор поради црвен картон, а Кевин де Брујне, Били Гилмор, Леонардо Спинацола, Алекс Мерет и Ромелу Лукаку беа отсутни поради повреди. Добра вест беше враќањето на Станислав Лоботка во почетниот состав по пауза од еден месец.
Сепак, играта на Наполи беше далеку од убедлива. Тимот имаше проблем со темпото и транзицијата, а дури и во моментите кога создаваше шанси недостасуваше завршница. Најагилен и најконкретен беше Елиф Елмас, кој со својата енергија и упорност ја раздвижуваше играта на домаќините.
Во првото полувреме, токму Елмас беше најблизу до гол, со остар удар од работ на шеснаесеттникот што го натера Зетерер да интервенира. Неколку минути подоцна, се избори и за продор низ двајца дефанзивци, но повторно без реализација откако неговиот соиграч Мектоминеј му попречи во шутот. На другата страна, Ајнтрахт преку Ансгар Кнауф ја имаше најсериозната шанса, но Вања Милинковиќ-Савиќ реагираше сигурно.
Како што течеше времето, ритамот на Наполи сè повеќе паѓаше. Дури и кога Ангуиса и Ланг успеваа да комбинираат во последната третина, недостасуваше прецизност. Најдобрата шанса ја промаши Скот Мектоминеј во 83-та минута, кога од идеална позиција биеше над голот.
На крајот, Наполи мораше да се задоволи со бод, резултат што повеќе личеше на пораз, ако се има предвид притисокот под кој е тимот.


