Од скандали и бунт до главен фаворит, како Инфантино со 39 приватни летови ја сврте трката во ФИФА

 

Објавено:

Пред само четири месеци изгледаше дека политичката кариера на Џани Инфантино на чело на светскиот фудбал е пред целосен колапс. Денес, само неколку дена откако на 18 ноември истече рокот за пријавување кандидати за претседателските избори на ФИФА закажани за 18 март 2027 година во Рабат, Швајцарецот повторно е апсолутен фаворит за четврти и последен мандат.

Симболиката на овој неверојатен пресврт најдобро се виде минатата недела на Филипините. Додека неговите противници во Европа и Америка во паника бараа кандидат во пет до дванаесет, откако нивниот главен фаворит Арсен Венгер се откажа од трката, Инфантино во Манила пееше на сцена со челници на азиските федерации во маица со натпис „Сè уште го можам тоа“. Истражувањата на „Би-Би-Си Спорт“ и „Атлетик“ детално разоткриваат како во суровата политичка арена на светскиот фудбал човек притиснат до ѕид успеа за неполни четири месеци целосно да ја сврти играта во своја корист.

Скандалот што за малку ќе го срушеше од тронот

Кризата експлодираше на 28 јули, само девет дена по финалето на Светското првенство, кога британските медиуми го разоткрија тајниот план на Инфантино наречен „ФИФА Форвард Ентерпрајз“ (ФФЕ). Идејата предвидуваше продажба на удел од комерцијалните операции и натпреварувањата на ФИФА, вклучувајќи ги и Мундијалите, на приватни инвеститори, со ветување дека секоја од 211-те национални федерации ќе добие по 40 милиони долари ако го поддржи проектот.

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам

Овој потег дојде врз веќе долга листа контроверзии околу неговото владеење, од доделувањето на првата „Награда за мир на ФИФА“ на американскиот претседател Доналд Трамп и изнајмувањето канцеларии во „Трамп Тауер“ во Њујорк, преку астрономските цени на билетите за Мундијалот 2026 и спорното укинување на суспензијата на Фоларин Балогун пред мечот на САД против Белгија, па сè до извештаите на „Њујорк Тајмс“ дека ФИФА платила околу четири милиони долари за неговите даноци во САД покрај годишната плата од околу шест милиони долари.

Извор: https://www.pbs.org

Реакцијата беше молскавична. Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, и првиот човек на КОНКАКАФ, Виктор Монтаљани, предводеа силен отпор со закани за бојкот на идните турнири, а УЕФА во август официјално соопшти дека ја изгубила довербата во Инфантино. Бунтот се прелеа и внатре во ФИФА. Високиот советник Карлос Кордеиро поднесе оставка, оперативниот директор Кевин Ламур јавно го нарече ФФЕ проект на еден човек кој ги измамил вработените и набрзо ја напушти организацијата, додека генералниот секретар Матијас Графстром во мејл до вработените порача дека „поединците доаѓаат и си одат“.

Сепак, Инфантино одигра вешт политички маневар. На 1 август го повлече спорниот план, а веќе на 5 август го свика раководството на кризен состанок не во Цирих, туку во Рабат, главниот град на неговиот силен сојузник Мароко. Од состанокот излезе со писмена „целосна поддршка“ и со Графстром повторно на своја страна. Кога УЕФА отвори правна постапка во САД, адвокатите на ФИФА возвратија обвинувајќи ја Европа за клеветничка кампања чија цел била да ги спречи помалите држави финансиски да им парираат на европските гиганти. Најголемата иронија се случи во октомври, кога притисокот на критичарите ја натера ФИФА да отвори дел од своите шест милијарди долари резерви и да вети дополнителни 15 милиони долари за секоја федерација во периодот 2027-2030 година, потег за кој заслугите на терен повторно ги собра токму Инфантино.

39 приватни летови за 115 дена и тенката линија меѓу функцијата и кампањата

Додека траеја правните препукувања, Инфантино тргна во досега невидена дипломатска офанзива низ планетата. Според новото истражување на „Би-Би-Си Спорт“, базирано на податоци за следење летови и неговите објави на социјалните мрежи, од 28 јули до денес Инфантино направил најмалку 39 летови со приватни авиони за само 115 дена, односно по еден лет на секои три дена.

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам

Во тој период посетил 32 различни држави, речиси двојно повеќе од 18-те земји што ги посетил во истиот период во 2025 година. Поминал повеќе од 102.800 воздушни милји и минал 213 часа и 49 минути во воздух, што е речиси девет цели деноноќија. Летовите се извршувани со авиони на „Катар Егзекутив“, подружница на еден од главните спонзори на ФИФА, „Катар Ервејс“.

Извор: https://www.bbc.com/ Со сино се обележани државите кои тој ги посетил од 28 јули навака

Бројките отворија две сериозни прашања. Првото е еколошкото, бидејќи пресметките покажуваат дека овие летови произвеле околу 1.673 тони емисии на јаглерод диоксид, колку што во просек создаваат 252 жители на Европската Унија за цела година. Климатските активисти го оценија ова како целосно непочитување на ветувањата за одржливост по, како што беше наречен, „најзагадувачкиот Мундијал во историјата“, додека поранешниот прв човек на Комисијата за управување на ФИФА, Мигел Мадуро, ги нарече еколошките заложби на организацијата обична маска.

Второто и политички поважно прашање е финансирањето на кампањата. Мадуро и поранешниот извршен директор на УЕФА, Ларс-Кристер Олсон, предупредуваат дека ФИФА нема никакви правила за финансирање изборни кампањи ниту независно тело што ги контролира. Со тоа, актуелниот претседател може да патува под превезот на службени обврски, да отвора мини-терени на Карибите, да посетува младински турнири во Азербејџан каде на едно место има речиси стотина претседатели на федерации и да се среќава со политички лидери како Емануел Макрон и Мохамед бин Салман, користејќи ресурси со кои ниту еден противкандидат не може да се натпреварува.

Од ФИФА не ги оспорија бројките за летовите, но одбија да одговорат кога Инфантино последен пат летал со комерцијален лет или како овие трошоци влијаат на спонзорскиот договор со Катар. Од организацијата кратко порачаа дека сите патувања се во согласност со правилата и се дел од статутарната обврска на претседателот да одржува односи со 211-те членки, потенцирајќи го зголемениот инвестициски циклус од 6,35 милијарди долари за глобалниот фудбал.

Разбиена опозиција, откажувањето на Венгер и математиката за Рабат

На крајот, изборите во ФИФА секогаш се сведуваат на чиста математика. За победа на тајното гласање во март се потребни 106 гласови, а базата на Инфантино изгледа цврста. Поддршката од Африка никогаш не била доведена во прашање, особено по проширувањето на Мундијалот на 48 репрезентации. Клучниот пресврт се случи во Азија, каде моќните федерации на Катар и Саудиска Арабија останаа зад него, па и Азиската фудбалска конфедерација направи целосен пресврт и му даде поддршка. Дополнително, ниту Европа и КОНКАКАФ не останаа единствени, откако Мексико, Азербејџан и Летонија брзо застанаа на страната на актуелниот претседател.

Извор: https://www.lanacion.com.ar/ {Claudio “Chiqui” Tapia y el presidente de la FIFA, Gianni Infantino, juntos en el mundial de fútbol
Aníbal Greco / Enviado Especial – LA NACION}

Наспроти него, опозицијата делуваше хаотично. Долго време се лобираше Арсен Венгер, актуелниот шеф за глобален развој на фудбалот во ФИФА кој се дистанцираше од скандалот со ФФЕ, да биде големото име што ќе му се спротивстави на Инфантино. Но, поранешниот менаџер на Арсенал се откажа само неколку дена пред крајниот рок. Така, УЕФА дури два дена пред затворањето на листите набрзина го кандидираше претседателот на Француската фудбалска федерација, Филип Дијало, а во трката влегоа и поранешниот швајцарски фудбалер Рамон Вега и почесниот претседател на јапонската федерација, Козо Ташима.

Во фудбалските кулоари се шпекулира и за уште една студена политичка калкулација. Амбициозните фигури што целиот поглед го имаат вперено кон изборите во 2031 година, меѓу кои Монтаљани, првиот човек на ПСЖ Насер Ал-Келаифи и претседателот на АФЦ Шеик Салман, можеби немаат голем интерес Дијало да победи и да се задржи повеќе мандати, додека Инфантино по 2031 година законски мора да замине.

Единствените реални пречки што остануваат пред март се судскиот процес на УЕФА во САД и истрагата на американскиот демократски сенатор Џејми Раскин за врските меѓу Инфантино и администрацијата на Трамп, која по неодамнешните избори во САД доби поголеми овластувања за повикување сведоци и документи. Сепак, како што цинично заклучил еден инсајдер за „Атлетик“, системот на ФИФА е поставен така што на гласачкото ливче да се најдат Меси, Роналдо, Венгер, Обама и Папата, Џани Инфантино повторно би победил.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам
 
Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам
 

Тазе објавено