„Се плашат од крајот на европската елита“: ФИФА ја обвини УЕФА за валкана кампања против Инфантино!

 

Објавено:

Фудбалската „Студена војна“ меѓу ФИФА и УЕФА добива нова, драматична судска епизода која се заканува да го тресе фудбалскиот свет уште долго време. Откако европската куќа на фудбалот покрена правна постапка во САД против претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, светската централа возврати со жестоки, директни обвинувања.

Во центарот на конфликтот е сега веќе откажаниот проект „ФИФА Форвард Ентерпрајз“ (ФФЕ), преку кој Инфантино наводно планирал да продаде удел од комерцијалните права на Светското првенство на приватни американски инвеститори.

Оцрнување или криминално лошо работење?

Минатата недела, УЕФА побара судски пристап до доверливи документи во Америка, обвинувајќи го Инфантино за „криминално лошо работење“. Од Нион тврдат дека тој тајно се обидел да продаде 20% од Мундијалот по цена далеку под реалната пазарна вредност, заобиколувајќи ја хиерархијата на ФИФА, сè со цел за сопствена корист.

Но, ФИФА не остана должна. Во своите најнови судски поднесоци, светската куќа на фудбалот побара блокирање на ова барање од УЕФА, нарекувајќи го целиот процес најобична манипулација. Од таму тврдат дека ФФЕ бил само предлог кој секако морал да мине низ демократски процес на гласање од сите членки, а не готова и тајна зделка.

„Наместо да учествува во тој демократски процес, УЕФА издаде соопштение за медиумите – што беше почеток на повеќенеделна кампања за оцрнување на ФИФА и нејзиното раководство“, стои во реакцијата на светската централа.

ФИФА возвраќа: „УЕФА сака да го задржи својот монопол!“

Она што е најинтересно во оваа битка во костуми е контра-ударот на ФИФА. Според нивните адвокати, вистинскиот мотив на УЕФА воопшто не е правдата, туку стравот од губење на апсолутната финансиска моќ во светскиот фудбал.

Проектот ФФЕ предвидуваше зголемување на средствата за малите национални федерации од 5,9 на 14,7 милиони фунти. Според ФИФА, токму ова е она што ја плаши европската елита.

„Ако фудбалот зајакне во земјите во развој, глобалната конкуренција се зголемува, што на крајот ја намалува пазарната моќ на УЕФА. Тие имаат економска мотивација да спречат помалите земји да добијат финансиска сила за да можат да се натпреваруваат со европската елита“, порачаа од ФИФА, додавајќи дека повеќе пари за помалите земји ќе значеше задржување на талентите во нивните матични лиги, наместо масовна преселба во Европа.

Инвеститорот крена раце: „Не ја разбравме фудбалската политика“

Во меѓувреме, главниот потенцијален инвеститор зад овој проект, американскиот финансиер Џошуа Кушнер (кој преку својата компанија требаше да вложи 4,2 милијарди долари), изрази длабоко жалење што воопшто се обидел да влезе во европскиот фудбал.

„Иако стоиме зад мотивите на проектот, ние очигледно не ја разбравме политичката динамика на глобалниот фудбал и до каде се подготвени некои да одат. Да знаевме во што ќе се претвори ова, никогаш немаше да се вклучиме“, изјави Кушнер.

Битката продолжува, а останува да видиме дали американските судови ќе дозволат отворање на „Пандорината кутија“ со доверливи документи.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено