2.8 C
Skopje

Новата “жртва” на Кристијано Роналдо

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Во светот на фудбалот, постојат директори кои градат империи и оставаат наследство. Такви генијалци, како што пишувавме за Бепе Марота и неговата ренесанса во Интер, се темелот на секој голем клуб. Но, потоа постои и светот на Ал-Наср – кралството на Кристијано Роналдо, каде што правилата се поинакви, а хиерархијата е јасна. Во тој свет, дури и најмоќните фигури можат да станат колатерална штета. Последен на листата за отстрел е извршниот директор Маџид Ал-Сорур.

ШОК ВО РИЈАД: Отказ за човекот на ПИФ

Веста одекна како трансфер бомба: Маџид Ал-Сорур, долгогодишен сојузник на моќниот гувернер на саудискиот јавен инвестициски фонд (ПИФ) и претседател на Њукасл, Јасир Ал-Румајан, е отпуштен од позицијата извршен директор на Ал-Наср. Официјалното соопштение на клубот е сурово – Ал-Сорур е обвинет за непрофесионално однесување, објавување неточни информации на социјалните мрежи и немање никаков стратешки план откако ја презеде функцијата во јануари.

Но, отпуштениот директор возврати со иста мера, најавувајќи правна битка против, како што вели, “непрофесионалниот, несоодветен и неприфатлив” начин на кој му бил врачен отказот.

Во Кралството на Роналдо, има само еден крал

Но, што навистина се крие зад оваа војна на соопштенија? Одговорот, како и за сè друго во Ријад, лежи во името на Кристијано Роналдо. Откако португалскиот ас пристигна во клубот, Ал-Наср повеќе не е само фудбалски тим, туку проект изграден околу неговиот лик и дело. Секој потег, секоја одлука, мора да биде во согласност со визијата за Роналдо како центар на саудискиот фудбалски универзум.

Извор: Reuters

Клучно е тврдењето на клубот дека Ал-Сорур “не успеал да ги покаже барањата и аспирациите на моменталната фаза”. Во превод, тоа значи дека неговата визија не била усогласена со проектот “Роналдо”. Во таква ситуација, не е важно што сте близок соработник на најмоќниот човек во саудискиот спорт. Ако не сте на иста линија со најголемата ѕвезда, вашиот престој е завршен. Ова е класичен пример на судир на моќ, каде што егото на суперѕвездата е посилно од било која директорска функција.

Контрастот со европските модели: Лекцијата од Марота

Овој хаос во Ал-Наср е во целосна спротивност со начинот на кој функционираат врвните европски клубови, а најдобар пример за тоа е генијалноста на Бепе Марота во Интер, за кого пишувавме неодамна. Но, пред да го препороди Интер, Марота го напушти Јувентус токму поради доаѓањето на Роналдо. Иако никогаш не го кажа тоа директно, јавна тајна е дека тој не се согласувал со финансиски прескапиот трансфер на Португалецот и на управата ѝ поставил ултиматум – или тој, или Роналдо.

Времето покажа дека Марота бил во право. Јувентус доби огромен маркетиншки бенефит, но на фудбалски план тргна во надолна линија. Заврши доминацијата во Серија А, а во Лигата на шампионите доживуваа елиминации од тимови како Ајакс, Лион и Порто.

Феноменот “Роналдо” не ги поштеди ниту тренерите. Во последните шест години, низ клубовите каде што играше (Јувентус, Манчестер Јунајтед, Ал-Наср) продефилираа и беа избркани дури девет менаџери, меѓу кои Сари, Пирло, Солскјер и Руди Гарсија.

Маџид Ал-Сорур е само последната “жртва” во низата. Неговиот пех е потсетник дека во кралството на Роналдо, лојалноста кон круната е единственото нешто што е важно. Прашањето е кој е следен?

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено