Египет со пресврт и гол на Салах во 93-та до првата победа на АФКОН!

Објавено:

Седумкратниот шампион на Африка, Египет, со триумф ја започна својата кампања на годинешниот АФКОН, совладувајќи го Зимбабве со 2-1. Сепак, патот до трите бода беше далеку од лесен, а победникот беше одлучен дури во судиското продолжение.

Шок на стартот од Дубе

Иако Египет доминираше во воведните 20 минути, каде Трезеге ја погоди пречката, а Емам Ашур промаши зицер, казната стигна на спротивната страна. Во една од ретките акции на Зимбабве, Принс Дубе мајсторски ја смири топката во шеснаесеттникот и го совлада Ел Шенави за шокантно водство на аутсајдерот.

Египет одговори фуриозно, но Омар Мармуш и Салах беа непрецизни до крајот на првото полувреме, оставајќи ги навивачите во неверување.

Пресвртот на „ѕвездите“: Мармуш па Салах

Целосната опсада на голот на Зимбабве во второто полувреме конечно вроди со плод. Напаѓачот на Манчестер Сити, Омар Мармуш, доби долга топка на левата страна, се прошета низ одбраната и со вистински проектил под пречката израмни на 1-1.

Кога сите мислеа дека Зимбабве ќе извлече историски бод благодарение на неверојатните одбрани на голманот Аруби, на сцената стапи „кралот“. Во судиското продолжение, по една мешаница во шеснаесеттникот, Мохамед Салах се најде на вистинското место и од десетина метри ја смести топката во мрежата за делириум на трибините.

Египет ги запиша првите три бода, но играта на Зимбабве е сериозно предупредување за сите фаворити дека на овој турнир нема лесни противници.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено