Зимскиот центар Закопане отсекогаш бил „храмот“ на ски-скоковите, но вчерашната вечер имаше посебна тежина. Пред повеќе од 15.000 гледачи, словенечкиот ас Анже Ланишек се врати на победничките патеки, но шоуто го украде емотивното збогување на полската легенда Камил Стох.
Ланишек, кој немаше победа од ноември (Рука), се снајде најдобро во тешките услови проследени со густ снег и променлив ветер. Со скокови од 138 и 137 метри (вкупно 278.1 поени), тој стигна до третата победа сезонава.
„Оваа победа е за тебе, Камил!“
Сепак, најголемиот аплауз не беше за победникот, туку за 38-годишниот Камил Стох. Тројниот олимписки шампион за последен пат скокна на својата омилена скокалница „Виелска Крокиев“ пред најавеното пензионирање на крајот на сезоната. Иако заврши на 42-то место, тој беше испратен како херој.
Ланишек покажа огромна класа и му ја посвети победата на својот ривал:
„Ова дефинитивно му го посветувам на Камил. Тој е Кралот на Закопане, Кралот на Полска и на ски-скоковите. Капа долу за целата негова кариера. Се надевам дека ќе ужива во пензијата,“ изјави емотивниот Словенец.
Австријците на подиум, Домен Превц потфрли
На подиумот на Ланишек му се придружија двајца Австријци – Јан Херл (264.8 поени) и ветеранот Мануел Фетнер (262.7 поени), кој исто така ја завршува кариерата оваа година.
Лидерот во генералниот пласман, Домен Превц, имаше ден за заборав. Тој бркаше израмнување на рекордот од 13 последователни подиуми, но заврши дури на 27-то место.
Следниот викенд „белата каравана“ се сели во Јапонија (Сапоро), но Ланишек најави дека ќе го пропушти тој настан, што отвора шанса за Рјоју Кобајаши да ја намали разликата во генералниот пласман.



