НБА преглед: Дјурант диригент во Хјустон, Лејкерс експлодираа

 

Објавено:

Дјурант и Шенгун ја скршија неизвесноста во финишот (Рокетс – Булс 119:113)

Во натпревар со дури 35 промени на водството, Хјустон успеа да најде мир кога беше најпотребно. Кевин Дјурант беше лидерот на паркетот со 28 поени и 10 скока, а Алперен Шенгун одигра маестрална партија со 23 поени и 11 асистенции.

Рокетс направија клучна серија во последните четири минути, кога од негатива изградија предност со агресивна одбрана и брзи поени. Џабари Смит Џуниор блесна во завршницата, а моќното забивање на Дјурант практично го запечати триумфот. Кај Чикаго, Тре Џонс одигра натпревар на кариерата со 34 поени, но Булс повторно останаа кратки.

Оклахома Сити повторно ја презеде контролата над Западот (Тандер – Спарс 119:98)

Шеј Гилџес-Александер уште еднаш покажа зошто е меѓу најконзистентните ѕвезди во лигата со 34 поени во сигурна победа над Сан Антонио. Тандер ја прекинаа серијата порази од Спарс и ја потврдија лидерската позиција со скор 34-7.

И покрај отсуството на неколку стартери, ОКС одигра дисциплинирано и физички доминантно, држејќи го противникот на само 40% шут од поле. Кај Спарс, Виктор Вембањама имаше солиден настап, но недоволен за да се следи темпото на шампионот.

Мајами преживеа драматичен камбек на Феникс (Хит – Санс 127:121)

Мајами прокоцка 20 поени предност, но кога работите почнаа да се комплицираат, Бам Адебајо ја презеде одговорноста. Со 29 поени и серија клучни шутеви во финишот, центарот на Хит го однесе својот тим до важна победа.

Норман Пауел додаде 27 поени, а Хит конечно ја прекина негативната серија. Кај Феникс, Брукс и Ален комбинираа 50 поени, додека Девин Букер беше на чекор до трипл-дабл, но Санс повторно не успеаја да се вратат од голема негатива.

Минесота без ѕвездите, но со историска доминација (Тимбервулвс – Бакс 139:106)

Без Ентони Едвардс и Руди Гобер, Минесота одигра еден од најдоминантните натпревари сезонава. Џулиус Рендл постигна 29 поени, а Тимбервулвс погодија неверојатни 22 тројки и никогаш не дозволија Милвоки да помисли на пресврт.

Предноста од 31 поен на полувреме беше рекордна за гостувачки натпревар во историјата на франшизата. Џанис Антетокумпо имаше 25 поени, но Бакс едноставно беа прегазени.

Мареј и Вотсон го решија хаосот во Њу Орлеанс (Нагетс – Пеликанс 122:116)

Џамал Мареј блесна со 35 поени и девет асистенции, а Пејтон Вотсон погоди клучен шут на 39 секунди до крајот за победа на Денвер.

Натпреварот беше отворен до самиот финиш, но искуството на Нагетс повторно исплива на површина. Кај Пеликанс, Треј Марфи Трети имаше 31 поен, но Њу Орлеанс продолжува со тешката серија порази.

Лејкерс експлодираа и испратија порака (Лејкерс – Хокс 141:116)

По три порази по ред, Лејкерс одговорија брутално. Леброн Џејмс запиша 31 поен, 10 асистенции и девет скока, додека Лука Дончиќ диригираше со 27 поени и 12 асистенции.

ЛА создаде огромна предност во третата четвртина и иако Атланта се обиде со камбек, домашниот тим имаше одговор. Лејкерс погодија 19 тројки, драматичен пресврт по катастрофалното шутерско издание претходната вечер.

Голден Стејт рутински против ослабен Портланд (Вориорс – Трејл Блејзерс 119:97)

И без шутерска вечер на Стеф Кари, Вориорс немаа проблеми. Кари беше диригент со 11 асистенции, а Џими Батлер одигра стабилна, контролирана партија.

Од клупата експлодира Де’Ентони Мелтон со 23 поени, додека Портланд, без Авдија, немаше доволно длабочина за да парира.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено