Миркуловски од поинаков агол: „Потешко е да се гледа отстрана, но овој тим има капацитет да расте!“

 

Објавено:

Македонската ракометна репрезентација е подготвена за уште еден голем предизвик на европската сцена, а во делегацијата, како и секогаш, е еден од најголемите борци во историјата на нашиот ракомет – Филип Миркуловски.

Иако неговата улога сега е оперативна, а не на теренот со топка во рака, популарниот „Жути“ останува клучна алка во системот на Кирил Лазаров. Пред самиот старт на првенството, тој ги сподели своите впечатоци за подготвеноста на момците и тежината на новата функција.

„Потешко е во костум отколку во дрес“

Миркуловски искрено признава дека адреналинот сè уште работи, но неможноста директно да влијае на играта му паѓа тешко.

„Секогаш е чест да се биде дел од Македонија во каква било улога. Сум бил тука како играч, а сега сум во поинаква функција. Морам да признаам, веројатно ми е потешко да гледам од страна бидејќи не можам директно да помогнам на теренот. Сепак, правам сè што е во моја моќ да бидам поддршка надвор од него“, вели Миркуловски.

Група на „смртта“: Без калкулации против гигантите

Македонија се наоѓа во исклучително тешка група со Данска, Португалија и Романија. За Миркуловски, пристапот мора да биде храбар и без никаков страв од фаворитите.

„Сите знаеме кој е Данска, тие се фаворити за златото на целото ЕП. Но, ние сме тука за да ги изненадиме големите ривали. Нема да калкулираме – одиме да го дадеме максимумот против Данците, а потоа со иста енергија и во следните два меча“.

Репрезентација која допрва ќе зрее

Иако јавноста често нè етикетира како „млада“ екипа, Миркуловски посочува на еден важен факт – оваа генерација веќе има завидно искуство.

„Момците се талентирани и веќе искусни. Иако имаат по 25-26 години, зад себе имаат веќе пет-шест големи турнири. Оваа репрезентација може само да расте и сигурен сум дека успесите допрва доаѓаат“, оптимист е легендарниот бек.

Македонија во подготвителниот период покажа солидна форма со победи над Бахреин, Украина и Мидтјиланд, а единствениот пораз го доживеа од силната Хрватска. Првиот вистински испит е веќе задутре.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено