Хернинг е во знакот на ракометот, а македонската репрезентација денеска ги полни батериите по натпреварот со светскиот шампион. Селекторот Кирил Лазаров реши да го откаже денешниот тренинг со цел играчите да добијат неопходна свежина за она што следува – пресметката со Португалија која може да биде одлучувачка за нашите аспирации на ова Европско првенство.
„Данска е минато, поуките се извлечени“
На денешниот брифинг во Хернинг, Лазаров беше искрен за предизвиците на тренерската позиција за време на вакви големи турнири.
„Ноќите за нас тренерите се непреспиени. Постојано ги анализираме грешките, но и го подготвуваме она што следува. Против Данска се обидовме да изненадиме, но тие се подготвени да станат европски прваци и секоја грешка ја казнуваат сурово. Тој натпревар веќе го заборавивме, фокусот е 100% на Португалија“, изјави Лазаров.
Македонскиот инает како оружје против „фаворитот за медал“
Португалија веќе одамна не е аутсајдер во светскиот ракомет. Со амбиции за висок пласман, тие влегуваат како фаворити против Македонија, но нашиот селектор верува дека имаме со што да ги изненадиме.
„Португалија е одлична селекција, дојдоа овде со мисла за медал. Но, тие не се Данска. Цела ноќ ја поминав анализирајќи ги нивните движења. Имаат самодоверба, играат на високо ниво, но ние ќе се обидеме да им го пореметиме планот. Мора да стоиме цврсто на земја, да бидеме борбени и да го искористиме нашиот спортски инает“, додава селекторот.
Добра вест за македонските фанови е што Лазаров очекува најискусните, Никола Митревски и Жарко Пешевски, да бидат подготвени за настап по ситните повреди кои ги оддалечија од составот за првиот меч.
Натпреварот Македонија – Португалија се игра утре (недела) во 18:00 часот.



