По еуфоричното реми против Португалија, македонската ракометна репрезентација се подготвува за клучниот предизвик на Европското првенство – дуелот против Романија. Селекторот Кирил Лазаров, на редовната средба со новинарите во Хернинг, испрати јасна порака: Македонија мора да остане на земја и да ја повтори играта од претходниот меч.
„Нашите момци прераснуваат во сериозни ликови“
Лазаров е свесен за историската болка на македонскиот ракомет, тешкото повторување на квалитетни партии во краток временски рок. Сепак, тој верува во новиот менталитет на оваа генерација.
„Не сум загрижен бидејќи мислам дека овие момци прераснуваат во сериозни ракометни ликови. Свесни се за предизвикот. Денеска нема да тренираме за да се освежиме, бидејќи ни треба енергија за уште една добра партија“, изјави Лазаров.
Романија не смее да се потцени
Иако јавноста ја смета Романија за аутсајдер во споредба со Данска и Португалија, селекторот повикува на максимална претпазливост поради огромните вложувања во романскиот ракомет.
„Романија има амбициозна федерација и многу ресурси. Системски сме поквалитетни, но тие имаат притисок и ќе брзаат, што ни отвора простор да ги казниме. Сакав да имаме систем за менување три различни зони на секои пет минути, но сè уште не сме на тоа ниво, иако одиме кон тоа“, објасни селекторот.
Проблеми со повредите: Ојлески итно повикан!
Најголемата грижа за стручниот штаб се повредите. Лазаров потврди дека Петар Атанасијевиќ дефинитивно отпаѓа за следниот меч, додека настапот на Џонов е под знак прашалник (50-50%). Поради ова, итно е повикан искусниот Гоце Ојлески, кој попладнево му се приклучува на тимот. Исто така, се очекува одлуката за Никола Маркоски, со надеж дека неговиот црвен картон нема да повлече дополнителна суспензија.
На трибините во Хернинг повторно се очекува доминација на македонските навивачи, кои треба да бидат „седмиот играч“ во походот кон главната рунда.



