Она од што најмногу стравуваа во српскиот табор, вечерва стана реалност. Во големото европско класично дерби, Германија ја совлада Шпанија со 34:32 (17:15) и со тоа официјално ја елиминираше Србија од понатамошниот тек на Европското првенство 2026.
Натпревар „да се биде или не“ за Панцерите
За разлика од Шпанците кои веќе имаа обезбедено билет по поразот на Србија од Австрија, за Германија ова беше натпревар „да се биде или не“. Избраниците на Алфред Гисласон одговорија на притисокот со неверојатна енергија, жар и моќ која целосно ја засени нивната претходна слаба партија против Србите.
Германското бековско трио Ушчинс, Кнор и Костер беше незапирливо, постигнувајќи комбинирано дури 19 гола. Ренарс Ушчинс уште еднаш докажа зошто е лидер на оваа генерација, завршувајќи го мечот со 8 погодоци и заслужено ја понесе наградата за играч на натпреварот.
Шпанија бркаше, но Ушчинс пресуди
Натпреварот беше исполнет со екстремно високо темпо и брзи голови. Иако Андреас Волф имаше одлично прво полувреме, Шпанија постојано вршеше притисок преку Јан Гури. Сепак, Германија не ја испушташе предноста која се движеше меѓу два и четири гола. Клучниот момент се случи во 58-та минута, кога Ушчинс погоди за 33:29, ставајќи печат на победата и на судбината на Србија.
Со овој триумф, Германија не само што оди во главната рунда, туку таму пренесува и значајни два бода, што ги прави сериозни кандидати за висок пласман.
Позната елитната петорка во Хернинг
Со овој резултат се комплетираше листата на гиганти кои продолжуваат во „Јиске Банк Боксен“. Во следната фаза нè очекуваат пеколни пресметки меѓу домаќинот Данска, Франција, Норвешка, Германија и Шпанија.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



