Додека големите сили стравуваат за пласман, една мала островска нација пишува историја со златни букви. Фарските Острови, земја со само 54.000 жители, ја остварија својата прва историска победа на големите натпреварувања, прегазувајќи ја Црна Гора со неверојатни 37:24.
Митун: „Цела нација е зад нас, сакаме да им вратиме на фановите“
Младата ѕвезда на тимот, Оли Митун, по историскиот триумф вели дека поддршката која ја добиваат е нереална. Речиси 10% од вкупното население на Фарските Острови (околу 6.000 навивачи) е присутно во Осло за да ги бодри своите херои.
„Чувствуваме поддршка од целиот свет. Луѓето се прашуваат како е ова можно? Кога ја пееме химната со толку многу наши фанови зад нас, сите добиваме морници. Тие се нашиот осми играч. Кога ќе ги видиме семејствата и пријателите на трибините, сакаме да дадеме 110% од себе“, изјави Митун.

Од дебитанти до страв и трепет
Фарските Острови не се повеќе само „симпатичен аутсајдер“. Со играчи како Елијас Елефсен а Скипаготу (ѕвездата на Кил) и Оли Митун, тие негуваат модерен, екстремно брз ракомет кој ги збунува и најсилните одбрани.
Нивниот напредок е фасцинантен – од дебито пред две години, до првиот бод, а сега и до убедлива победа од 13 разлика против сериозна европска селекција. Во нивната татковина владее вистинско лудило, а се известува дека парламентот и училиштата се затвораат за да може сите да ги гледаат натпреварите.

Следна станица: Словенија и борба за главна рунда
За Фарските Острови приказната не завршува тука. Вечерва ги чека одлучувачкиот дуел против Словенија. Победа би значела пласман во главната рунда во Малме, што би било можеби најголемото изненадување во историјата на ракометот.
„Словенија е модерен тим, играат брзо како нас. Имаме огромен респект кон нив, но со 6.000 фанови зад нас, сè е можно. Ќе направиме сè за да одиме во Малме“, заклучува Митун.




