Македонскиот селектор Кирил Лазаров изрази измешани чувства по драматичната победа на Македонија над Романија (24-23) во последното коло од групната фаза на ЕП 2026. Иако бодовите се освоени, Лазаров потенцираше дека екипата морала да го реши мечот многу порано.
„Промашивме чисти зицери“
Лазаров смета дека клучниот проблем бил психолошкиот момент кога нашиот национален тим стигна до убедлива предност, која не знаеше рутински да ја зачува.
„Сум задоволен, сепак победивме и кога ќе сумираме сè, треба да бидеме задоволни што направивме со многу јаки и цврсти противници. Видовте дека Романија е многу цврста репрезентација“, истакна селекторот веднаш по натпреварот.
Сепак, тој не го криеше жалењето за пропуштената шанса за поубедлив триумф:
„Малку ми е жал затоа што почнавме многу добро, со голема концентрација и верба, но како да се изненадивме дека можеме да водиме 6-7 разлика. Промашивме чисти зицери и малку останува разочарувањето дека можевме повеќе“.
Македонија го контролираше мечот во поголемиот дел, но дозволи Романија да се врати и да го израмни резултатот, пред Ненад Костески во последната секунда да го реши победникот. За Лазаров и неговите избраници, ова останува важна лекција за созревањето на овој подмладен состав.
Сепак, разочарувањето доаѓа поради тоа што сите видовме дека овие момци можат многу и заслужуваат повеќе. Нашите момци се разочарани од реми со репрезентација од светска класа и победа над цврста репрезентација како Романија, што секако е чекор напред кон градењето на победничкиот менталитет. Главата горе момци, сите сме горди од одиграното на ова Европско првенство!



