Италијанскиот шампион Интер покажа зошто е главен фаворит за Скудетото, откако во воведниот натпревар од 22-то коло во Серија А го совлада тимот на Пиза со убедливи 6-2. Иако по само 23 минути игра гостите од Тоскана имаа шокантно водство од два гола, „неразурите“ одговорија со шест погодоци и ја зацврстија лидерската позиција на табелата.
Морео ја замолкна „Меаца“, Чиву влечеше храбар потег
Натпреварот започна како кошмар за фановите во Милано. Стефано Морео прво ја искористи катастрофалната грешка на Јан Зомер во 11-та минута за да постигне гол од 30 метри, а потоа во 23-та минута зголеми на 0-2 по еден корнер.
Тренерот на Интер, Кристијан Киву, реагираше веднаш и по само 30 минути игра го извади Луис Хенрике, воведувајќи го во игра Федерико Димарко. Токму овој потег го смени текот на натпреварот. Периодот пред крајот на првиот дел беше клучен: Пјотр Зиелински намали од пенал во 39-та минута, Лаутаро Мартинез израмни на 2-2 по само две минути, а младиот Пио Еспозито во судиското продолжение комплетираше неверојатен пресврт за 3-2.
Рапсодија во второто полувреме
Во вторите 45 минути на теренот постоеше само еден тим. Иако голманот на Пиза, Скуфет, со неколку интервенции се обидуваше да го спаси својот тим, Интер беше незапирлив. Федерико Димарко ја круниса својата совршена партија со прекрасен волеј за 4-2, а до крајот во листата на стрелци се запишаа и Бони и Хенрик Мхитарјан. Ерменецот го постигна својот прв гол во Серија А по повеќе од една година, ставајќи точка на убедливата победа.
Со овој триумф, Интер сега има шест бода предност пред градскиот ривал Милан, кој во недела го очекува тешко гостување кај Рома.



