Дваесет и петтото коло во Евролигата донесе возбудувања кои директно влијаат на горниот дел од табелата. Додека некои екипи ги потврдија своите амбиции за висок пласман, други влегуваат во сериозна криза во најнеповолниот дел од сезоната.
Виртус Болоња со голем пресврт и „стрела“ на Вилдоза во Монако
Најголемото изненадување на вечерта се случи во Кнежеството, каде Виртус Болоња славеше над Монако со 82:84. Иако десеткувани поради отсуството на Едвардс и Пајола, гостите од Италија успеаја да надополнат двоцифрена негатива од почетокот на третиот период.
Клучниот момент се случи во последната четвртина која Виртус ја отвори со нестварна серија од 15-1. Иако Мајк Џејмс во финишот го врати Монако во минимална предност, Лука Вилдоза на четири секунди пред крајот погоди тројка за победа. Дерик Алстон со 19 поени беше најефикасен кај победникот, додека Џејмс постигна 17 поени за домашниот тим, кој го претрпе третиот пораз по ред.
Историска прва четвртина и триумф на Црвена Звезда над Дубаи
Црвена Звезда ја продолжи победничката низа совладувајќи го Дубаи со 95:92 во Белград. Натпреварот влезе во историјата на клубот по првите десет минути, во кои „црвено-белите“ постигнаа рекордни 34 поени и направија предност од +20 (34:14).
Иако Дубаи успеа да се врати во натпреварот и да намали на само еден поен разлика во третиот период, квалитетот на Џордан Нвора (22 поени) и Ебука Изунду (18 поени) се покажа како пресуден. Кај гостите, Мфионду Кабенгеле одигра натпревар на кариерата со 24 поени и 8 скокови, но тоа не беше доволно за целосен пресврт во „Арена“.
Басконија со фуриозен финиш го „скрши“ Жалгирис
Во Виторија, Басконија стигна до важна победа над Жалгирис (102:91) благодарение на извонредната завршница. Литванскиот тим имаше водство од 84:89 на пет минути пред крајот, но тогаш Басконија одговори со серија од 18-2 со која го реши натпреварот.
Тимоте Луваву-Кабаро ја предводеше листата од шест играчи со двоцифрен ефект кај домаќинот, постигнувајќи 19 поени со совршен учинок од линијата за слободни фрлања (10/10). Кај Жалгирис најефикасен беше Силван Франциско со 20 постигнати поени.
Јубилеј за Слукас во тесната победа на Панатинаикос над Асвел
Актуелниот европски шампион, Панатинаикос, со многу мака славеше на гостувањето кај Асвел со 78:79. Натпреварот беше во знакот на Костас Слукас, кој го забележа својот 450-ти настап во Евролигата.
Искусниот плејмејкер го прослави јубилејот со својот најдобар учинок сезонава, постигнувајќи 26 поени. Иако ПАО имаше двоцифрена предност во финишот, Асвел преку Брајан Ангола (20 поени) се врати во игра, но не успеа да го комплетира пресвртот, запишувајќи го шестиот последователен пораз.



