Јувентус ја заврши својата авантура во Копа Италија по убедливиот пораз од 3-0 против Аталанта. Иако резултатот делува катастрофално, Лучијано Спалети смета дека разликата меѓу двата тима не била во квалитетот, туку во носењето на вистинските одлуки во клучните моменти од мечот.
Спорниот пенал го смени текот на натпреварот
Натпреварот во „Њу Баланс Арената“ го скрши еден контроверзен момент. ВАР собата досуди пенал за Аталанта откако топката го погоди Глеисон Бремер во раката по центаршут на Едерсон – ситуација која дури ни фудбалерите на домашниот тим не ја забележаа. Џанлука Скамака беше прецизен од белата точка, а потоа „божицата“ сурово ги казни сите грешки на гостите преку Сулемана и Пашалиќ.
„Кога стана тешко, ние се изгубивме“
Спалети по мечот им честиташе на Паладино и Аталанта, но јасно ги лоцираше проблемите кај своите избраници.
„Тие беа подобри во решавачките моменти. Кога коментирате пораз од 3-0, немате многу што да кажете. Ние ги донесовме погрешните одлуки кога натпреварот стана ‘густ’. Имавме ситуации ‘два на еден’ кои наместо да ги претвориме во шанса, ги завршувавме кај корнер знаменцето. Ни недостига искуство и бистрина за да препознаеме кога се крши резултатот“, изјави Спалети за „Спорт Медијасет“.
Реалноста е поинаква од резултатот?
И покрај високиот пораз, тренерот на Јуве тврди дека неговиот тим не бил толку надигран колку што покажува семафорот. Сепак, тој призна дека е разочаран од распадот на организацијата во финишот на мечот, кога секој играч се обидувал индивидуално да направи пресврт.
Сега за Јувентус останува фокусот на Серија А и претстојниот плеј-оф во Лигата на шампионите против Галатасарај, каде Спалети ќе мора да докаже дека неговиот тим научил како да носи „правилни одлуки“.



