(Трејд) Блокбастер во НБА: Ивица Зубац се сели во Индијана Пејсерс!

 

Објавено:

Индијана Пејсерс конечно ја пополнија „дупката“ под кошот која зјаеше по заминувањето на Мајлс Тарнер. Во еден од најзначајните потези пред крајот на преодниот рок, „сино-жолтите“ го обезбедија потписот на хрватскиот центар Ивица Зубац, но цената за овој трансфер воопшто не беше ниска.

Во зделката која ја потврдија двата клуба, Индијана во Лос Анџелес ги испрати својот млад и талентиран стрелец Бенедикт Матурин, центарот Ајзаја Џексон и дури три пика од драфтот (прва рунда во 2026 и 2029 година, како и втора рунда во 2028). Заедно со Зубац, во Индијана пристигна и крилото Коби Браун.

Зошто Пејсерс „фрлија сè на една карта“?

За раководството на Индијана, Зубац (28) е долгорочно решение. Хрватот има договор до крајот на сезоната 2027-28, што значи дека тој ќе биде клучниот партнер под кошот кога суперѕвездата Тајрис Халибартон ќе се врати на терените следната сезона (по тешката повреда на Ахиловата тетива).

„Зу е еден од најдобрите центри во НБА и беше столб на нашата организација изминатите седум години. Тој е елитен заштитник на обрачот и скокач кој се изгради во опасна опција и во нападот, изјави претседателот на Клиперс, Лоренс Френк, збогувајќи се со својот долгогодишен играч.

Емотивно збогување на Зубац

По седум сезони во Холивуд, Зубац не го криеше разочарувањето од разделбата со градот и навивачите.

„Ова е еден од најтешките моменти во мојот живот. Никогаш не замислував дека ќе заврши вака. Од првиот ден ми пруживте љубов и поддршка и поради вас со гордост го носев овој дрес. Одам со ништо друго освен љубов и почит, напиша хрватскиот центар на социјалните мрежи.

Дебито на чекање поради повреда?

Иако навивачите во Индијанаполис се нетрпеливи, можно е дебито на Зубац да биде малку одложено. Тренерот Рик Карлајл потврди дека Ивица се мачи со повреда на скочниот зглоб уште од декември, а дополнително доби и неколку слободни денови поради раѓањето на неговото прво дете.

Индијана во моментов ја преживува една од најтешките сезони со скор од 13 победи и 39 порази (последно место на Истокот), па овој потег јасно покажува дека сите нивни мисли се веќе насочени кон сезоната 2026-27.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено