Ракометниот клуб Вардар се подготвува за главната фаза во Лигата на Европа, а најверните навивачи од денеска можат да ги обезбедат своите места за претстојните спектакли во Скопје. Клубот официјално ги пушти во продажба блок-билетите за двата клучни домашни натпревари против германскиот гигант Мелсунген и португалската Бенфика.
Продажбата на блок-билетите ќе трае точно една недела, односно од денеска (понеделник, 9 февруари) па се до 16 февруари на полноќ. По овој период, влезниците ќе се продаваат поединечно, но по значително повисоки цени. Со купување на блок-билет, навивачите не само што заштедуваат, туку и го резервираат истото седиште за двата европски дуели.
Најевтиниот пакет за двата натпревари чини симболични 300 денари, што е одлична можност за исполнување на салата „Јане Сандански“ до последното место.
Цени по блокови:
- Блок A2, A3, A5, A6: 700 денари
- Блок G, 5, 6, 13, 14: 600 денари
- Блок A1, A4, 4, 7, 12, 15: 500 денари
- Блок 3, 8, 11, 16: 400 денари
- Блок A, 1, 2, 9: 300 денари
Каде и кога се игра?
Првиот предизвик за избраниците на Вардар е тимот на Мелсунген на 24 февруари (20:45 ч.), додека една недела подоцна, на 3 март, во Скопје гостува тимот на Бенфика (20:45 ч.).
Вардар ја започнува Главната фаза со пренесени два бода, благодарение на победата над Кристијанштад во групната фаза. Во оваа група, покрај Швеѓаните, главни конкуренти за пласман понатаму се токму Мелсунген и Бенфика.
Продажни места: Билетите може да се купат онлајн преку платформата на www.ticketx.com.mk, како и на билетарницата на СЦ „Јане Сандански“ секој работен ден од 10 до 18 часот.



