Светот на спортот денеска сведочи на одлука која ќе предизвика бурни дебати во наредните децении. Украинскиот атлетичар во скелетон, Владислав Хераскевич, кој важеше за сериозен кандидат за медал во Милано, утрово официјално е дисквалификуван од Зимските олимписки игри 2026.
Кацигата со 24 лица која го „плаши“ МОК
Драмата започна пред неколку дена кога Хераскевич на тренинзите се појави со кацига на која беа отпечатени ликовите на 24 украински спортисти и тренери кои ги загубија животите во руската инвазија.
Меѓународниот олимписки комитет (МОК) реагираше експресно, повикувајќи се на „Правилото 50.2“, кое строго забранува каква било политичка, религиозна или расна пропаганда на олимписките борилишта. За МОК, лицата на мртвите спортисти се „политичка порака“. За Хераскевич, тие се негови пријатели, колеги и херои.
Состанок со претседателката и одбивање на компромис
Утрово, непосредно пред трката, се одржа последен состанок меѓу Хераскевич и претседателката на Комисијата на спортисти при МОК, Кирсти Ковентри. МОК понуди „компромис“: Хераскевич да носи обична црна лента на раката, а кацигата да биде неутрална.
Владислав одби.
„За мене, жртвата на луѓето прикажани на мојата кацига вреди повеќе од кој било медал. Тие го дадоа најскапоценото што го имаа – својот живот. Единственото нешто што сакам е да им оддадам почит“, изјави Хераскевич по одлуката.
Кој ги губи соништата?
Претседателката на МОК, Ковентри, со солзи во очите пред новинарите изјави дека емотивното утро завршило без решение. „Не се работи за пораката, туку за правилата“, изјави таа.
Но, неговиот татко и тренер, Михаило Хераскевич, не го криеше својот гнев: „МОК ни ги уништи соништата. Ова не е фер. Мојот син стави лица на мртви луѓе на својата глава за да оддаде почит, а тие тоа го нарекоа политика“.
Хераскевич најави жалба до Спортскиот арбитражен суд (CAS), но неговата олимписка трка во Милано е веќе готова.



