Секој февруари иста приказна – навивачите и медиумите се жалат дека Ол-стар натпреварот станал „рекреативен“, а легендите од минатото со потсмев зборуваат како тие во нивно време „гинеле“ на паркетот. Е па, на Кевин Дјурант му дојде преку глава.
Кошаркарскиот фанатик, кој е познат по тоа што деноноќно гледа кошарка, им откри на новинарите дека направил сопствено истражување за да провери дали „старите времиња“ навистина биле толку интензивни.
„Седнав и изгледав барем по една четвртина од секој Ол-стар меч од 70-те, па сè до доцните 90-ти. Искрено, не знам за каков интензитет зборуваат старите генерации. Јас не го видов тоа“, изјави Дјурант со потсмев и одмавнување со главата.

Зошто Дончиќ и Јокиќ не се на удар?
Дјурант, кој по 16-ти пат е дел од овој спектакл, ја префрли топката и кон европските ѕвезди, прашувајќи зошто критиките секогаш паѓаат врз него, Леброн или Стеф Кари.
„Прашајте ги Лука Дончиќ и Никола Јокиќ дали планираат да се натпреваруваат. Погледнете што прават тие на Ол-стар мечевите. Лежат по паркетот, шутираат од пола терен… но за нив никој не прашува. Секогаш проблемот се ‘старите глави’ и Американците. Можам да читам меѓу редови, пријателе“, порача Дјурант.
Проблемот е во носталгијата, а не во кошарката
За ѕвездата на Хјустон Рокетс, падот на гледаноста (која во 2025 година достигна рекордно ниски 4,7 милиони гледачи) не е резултат на малку залагање, туку на променетите очекувања на фановите.
„Мислам дека на фановите и медиумите им треба нешто за што ќе се жалат. Ол-стар натпреварот не ги прави да се чувствуваат како кога биле деца, па затоа напаѓаат. За мене, овој викенд е прослава на кошарката, момент кога целиот свет се собира на едно место. Тоа е многу поголемо од прашањето кој играл поцврста одбрана“.
Додека светот дебатира дали Ол-старот е „мртов“, Дјурант јасно стави до знаење: „Минатото не беше ништо подобро, само вашите сеќавања се поубави“.



