Комесарот Адам Силвер конечно погоди со рецептот. Наместо класичен меч Исток против Запад, видовме турнир во нов кружен систем: две екипи на американски ѕвезди и еден тим на остатокот од светот. Иако форматот беше комплициран на хартија, на теренот сè беше јасно – играчите конечно решија да се натпреваруваат.
„Младите пушки“ го покорија Лос Анџелес
Победник на турнирот е тимот на помладите американски ѕвезди (U.S. Stars), кои во финалето ги прегазија своите постари колеги (U.S. Stripes) со 47:21. Иако финалето беше можеби најмалку неизвесно поради заморот на ветераните, патот до таму беше спектакуларен.
Ѕвездата на Минесота, Ентони Едвардс, сосема заслужено го понесе МВП признанието. Со 32 поени во текот на целиот турнир, популарниот „Ент-мен“ покажа дека е новиот лидер на лигата.
„Минесота, ве сакам! Реков дека нема да правам шоу, но морав да ви го дадам ова“, изјави Едвардс по примањето на трофејот.
Леброн на заминување, Каваи како во најдобрите денови
Додека Леброн Џејмс го одигра својот рекорден 22-ри Ол-стар натпревар и повторно ги подгреа гласините за пензија („Кога ќе знам јас, ќе знаете и вие“), вистинскиот херој на домашната публика беше Каваи Ленард.
Каваи, кој влезе како замена за повреден играч, одигра можеби најдобри 12 минути во историјата на Ол-стар натпреварите. Во мечот против тимот на светот, тој постигна неверојатни 31 поен (шут 11/13), вклучувајќи ја и тројката за победа на 3.5 секунди пред крајот.
Светот загуби, но Вембањама воодушеви
Тимот на светот заврши со 0-2, но двата порази беа исклучително тесни и борбени. Виктор Вембањама го одржа зборот дека ќе игра сериозно и заврши со 33 поени и 3 блокади во двата натпревари.
„Ова беше многу подобро од лани. Кога го гледате Каваи како дава 30 поени и не промашува, тоа е вистинска кошарка. Беше забавно“, изјави француското чудо.
Што научивме?
Овој Ол-стар докажа една работа: навивачите не сакаат циркус, туку натпреварување. Видовме блокади, тајмаути, „челинџи“ од тренерите и одбрана на која би позавиделе и плејоф натпревари. Иако терминот (поради Зимските Олимписки игри) беше малку необичен и салата не беше исполнета до последно место, квалитетот на паркетот беше на највисоко ниво по долго време.
Следната станица е Феникс во 2027 година. Ако играчите го задржат овој пристап, Ол-стар викендот повторно ќе биде главниот настан во спортскиот календар.



