Швајцарија има нов спортски херој. Лоик Мејар го комплетираше својот олимписки комплет медали во Милано-Кортина 2026, додавајќи го најсјајното одличје покрај среброто во комбинација и бронзата во велеслалом. Со вкупно време од 1:53.61, Мејар успеа да ги совлада тешките услови и огромниот притисок, потврдувајќи дека во моментов е без конкуренција кога станува збор за најтехничката дисциплина.
Трагедија за Норвешка, прва радост за Австрија
Натпреварот започна во вистински хаос поради снежната бура во првото возење, каде повеќе од половина скијачи воопшто не стигнаа до целта. Норвежанецот Атле Ли Мекрат беше лидер по првиот дел и главен фаворит за златото, но неговиот сон се сруши во втората рунда. Со 59 стотинки предност и со златото „во џеб“, Мекрат уште на самиот старт направи фатална грешка, „јавна“ една капија и остана без пласман.
Оваа грешка ја искористи Австриецот Фабио Гштрајн, кој со извонредно скијање стигна до среброто (+0.35), што е негов прв олимписки медал во кариерата. Бронзата замина во рацете на легендарниот Хенрик Кристоферсен од Норвешка (+1.13), кој и покрај тоа што призна дека немал свој ден, успеа да се искачи на подиумот.
Мејар: „Ова е лудило!“
По минатогодишната светска титула во Залбах, Мејар сега е истовремено светски и олимписки шампион.
„Неверојатно е. Беа ова долги денови со многу очекувања и притисок кој самиот си го наметнав. Да се замине со три медали, од кои едниот е златен… тоа е лудило“, изјави пресреќниот Швајцарец по трката.
Со оваа победа, Швајцарија стигна до четвртото злато во алпско скијање на овие Игри, потврдувајќи ја својата превласт во планинските центри на Италија.



