Али Сами Јен уште еднаш докажа зошто е најстрашното гостување во Европа. Во првиот меч од плеј-офот во Лигата на шампионите, Галатасарај славеше со убедливи 5:2 против Јувентус, во натпревар кој понуди сè – од пресврти и мајстории, до црвен картон и тотална катастрофа на гостите.
Експресен почеток и шоу на Копмајнерс
Натпреварот започна „огнено“. Габриел Сара го запали стадионот со гол во 15-та минута, но славјето траеше помалку од 60 секунди бидејќи Тун Копмајнерс веднаш израмни по одбиената топка од ударот на Калулу. Холанѓанецот не застана тука и во 32-та минута донесе целосен пресврт за Јуве (1:2) по одличната комбинација со МекКени.
Кабал: Замена од кошмарите
Второто полувреме беше чиста доминација на турскиот шампион. Ноа Ланг, кој пристигна во јануари од Наполи, го израмни резултатот на 2:2 веднаш по паузата, а Давинсон Санчез во 60-тата минута го врати Галатасарај во водство (3:2).
Клучниот момент се случи во 67-мата минута. Хуан Кабал, кој влезе во игра на полувремето за да ја зацврсти одбраната, направи две катастрофални грешки за само 20 минути, заработи два жолти картони и го остави Јувентус на цедило со играч помалку.
„Петарда“ за крај и турска екстаза
Со човек повеќе на теренот, Галатасарај беше немилосрден. Ноа Ланг го постигна својот втор гол по грешката на Турам и Кели, а конечниот дебакл на Јуве го потврди Саша Бое со проектил во самиот агол во 86-та минута за конечни 5:2.
Окан Бурук и неговите момци, предводени од Осимхен и Икарди, сега патуваат во Торино со огромни три гола предност, додека Спалети ќе мора да бара чудо без суспендираниот Камбијазо и повредениот Бремер.



