Фудбалскиот свет повторно е во неверување пред подвизите на норвешкиот Бодо/Глимт. По Манчестер Сити и Атлетико Мадрид минатиот месец, на листата на „скалпови“ на овој неверојатен тим се најде и италијанскиот гигант Интер. Со победата од 3:1, Бодо сега е на чекор до историски пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите.
Интер возврати, но сепак „заледи“
Натпреварот започна според желбите на домашните навивачи. Во 20-та минута, по една мајсторска асистенција со пета на Хог, Сондре Фет донесе водство за Бодо. Интер, кој доминира во Италија, не се предаваше и по неколкуте пропуштени шанси на Дармијан и Барела, успеа да израмни. Младиот Франческо Пио Еспозито најдобро се снајде во шеснаесеттникот и погоди за 1:1.
Италијанците имаа шанса и за целосен пресврт, но стативата го спречи ударот на Лаутаро Мартинез. Кога сите очекуваа Интер да го преземе мечот, се случи „блицкригот“ на домаќините.
Три минути за историја
Во период од само три минути во второто полувреме, Бодо целосно го нокаутираше гостинот. Прво, во 61-та минута, Јенс Петер Хауге со проектил со левата нога погоди во самиот агол од голот на Зомер за 2:1. Додека „Нероаѕурите“ се обидуваа да сфатат што ги погодни, Каспер Вартс Хог во 64-та минута ја запечати победата со гол од непосредна близина по додавањето на Бломберг.
Интер, кој играше две финалиња во ЛШ во последните три сезони, во финишот изгледаше како просечен тим кој нема решение за енергијата и дисциплината на норвешкиот шампион. Бодо/Глимт уште еднаш докажа дека парите и имињата не играат на теренот, особено не во условите на Арктичкиот круг.



