Лос Анџелес Лејкерс ја открија статуата на Пет Рајли пред „Crypto.com“ арената, оддавајќи му чест на човекот кој стоеше зад највозбудливиот период во историјата на франшизата. Статуата, висока 2,5 метри, го прикажува Рајли во неговиот препознатлив стил, во еден од неговите славни костуми на Џорџо Армани, со ставот кој влеваше авторитет низ целата НБА лига во 80-те години.
Меѓу Карим и Меџик – таму каде што припаѓа
Бронзената фигура на 80-годишниот Рајли е поставена во „Ѕвездениот плоштад“, точно помеѓу статуите на Карим Абдул-Џабар и Меџик Џонсон. Тоа е симболика за триото кое заедно освои пет шампионски титули во 80-те и ја промени кошарката засекогаш.
„Времето помина толку брзо. Се чувствувам благословен за сè што направив во кариерата. Бев опкружен со величина“, изјави емотивниот Рајли за време на церемонијата.
The Lakers unveil a statue of Pat Riley outside their arena to honour his time as head coach during the Showtime championship era 🙌 pic.twitter.com/3Y7u4u5nCb
— Sportsnet (@Sportsnet) February 23, 2026
Човекот кој го измисли „Showtime“
Рајли пристигна во Лејкерс како играч, потоа работеше како коментатор со легендарниот Чик Херн, а во 1981 година сопственикот Џери Бас му ја додели довербата да стане главен тренер. Резултатот? Седум НБА финалиња во девет години и четири титули (1982, 1985, 1987, 1988). Тој им даде слобода на Меџик и Карим да играат брзо, атрактивно и моќно – стил кој целиот свет го знае како „Showtime“.
На сцената со Рајли беа и многу познати лица, меѓу кои и Џини Бас, Двејн Вејд и холивудската легенда Мајкл Даглас. Даглас откри дека токму стилот на Рајли му бил инспирација за култниот лик Гордон Геко во филмот „Вол Стрит“.
Порака од таткото врежана за вечност
На базата на статуата е врежан совет кој Рајли го добил од својот татко:
„Ќе дојде време кога ќе бидеш предизвикан. Кога тоа време ќе дојде, мораш да застанеш цврсто на нозе. Мораш да ја кажеш поентата за тоа кој си, што правиш и од каде доаѓаш. Кога тоа време ќе дојде, направи го тоа“.
Рајли стана осмата личност поврзана со Лејкерс која доби статуа пред арената, приклучувајќи им се на Џери Вест, Елџин Бејлор, Коби Брајант, Шекил О’Нил, Карим Абдул-Џабар, Меџик Џонсон и Чик Херн.



