Маркетинг тимот на италијанскиот гигант Интер уште еднаш докажа зошто е во сопствена Лига на шампиони. По првата битка на далечниот север, „Нероаѕурите“ ја објавија втората филмска најава за вечерашниот реванш, испраќајќи јасна порака: „Ќе го дочекаме Арктикот во зовриениот Сан Сиро“ (Accoglieremo l’Artico in un San Siro bollente).
Пресметка на световите: Анаконда против Викинзи
Во ова видео-ремек дело, улогите се заменети. По замрзнатите предели на Норвешка, сега викинзите на Бодо/Глимт пристигнуваат пред портите на фудбалскиот храм во Милано. Но, таму не ги пречекува снег, туку застрашувачката тишина на „тврдината Сан Сиро“ и џиновската анаконда која трпеливо ја чека својата жртва жедна за одмазда.
Визуелниот приказ на анакондата како симбол на моќта на Интер совршено ја доловува тензијата пред натпреварот во кој италијанскиот шампион мора да брка негатива од 3:1.
Accoglieremo l’Artico in un San Siro bollente 🔥🏟️ pic.twitter.com/nzZmfxtXNU
— Inter ⭐⭐ (@Inter) February 24, 2026
Мисија „Пресврт“ на зовриениот стадион
Иако филмската најава изгледа моќно, пред Кристијан Киву е тешка задача. Интер вечерва ќе мора да го скрши отпорот на мотивираните Норвежани без својот капитен Лаутаро Мартинез, кој заработи сериозна повреда на првиот натпревар.
„Сан Сиро“ вечерва ќе биде преполн, а навивачите се надеваат дека атмосферата ќе биде доволно „жешка“ за да ја стопи предноста на гостите. Дали анакондата конечно ќе го зададе својот смртоносен зафат или Бодо/Глимт ќе ја преживее и оваа стапица? Одговорот го добиваме на теренот!



