Бергамо вечерва нема да спие! Аталанта приреди епски камбек и со победа од 4:1 (вкупно 4:3) го елиминираше Борусија Дортмунд во реваншот од плеј-офот во Лигата на шампионите. Во натпревар полн со драма, крв и пресврти, Лазар Самарџиќ стана херојот кој во последната секунда од судиското продолжение ја испрати „Божицата“ меѓу 16-те најдобри во Европа.
„Божицата“ тргна фуриозно
Тимот на Рафаел Паладино знаеше дека нема што да загуби по поразот од 0:2 во Германија. Уште од првата минута започна опсадата на голот на Кобел, а притисокот вроди со плод во 23-та минута. Лоренцо Бернаскони испрати одлична топка по земја, а повратникот во стартниот тим, Џанлука Скамака, ја затресе мрежата за почетна еуфорија.
Предноста на Дортмунд целосно се истопи во последната минута од првиот дел. Давиде Запакоста шутираше од работ на шеснаесеттникот, топката го закачи Бенсебаини, го измами Кобел и заврши во голот за 2:0 и целосен егал во вкупниот резултат.
Драма, крв и пенал во 97-та минута!
Вториот дел беше вистински „трилер“. Аталанта за првпат поведе во вкупниот скор кога во 74-та минута Марио Пашалиќ со фантастичен удар со глава ја круниса асистенцијата на Де Рон за 3:0. Но, радоста траеше кратко. Карим Адејеми во 82-та минута со мајсторски прецизен удар во самиот агол намали на 3:1 (3:3 вкупно) и го шокираше стадионот.
Кога сите очекуваа продолженија, се случи вистински хаос во казнениот простор на гостите во 95-та минута. Бенсебаини во обид да ја исфрли топката, со висок старт со копачка го удри Никола Крстовиќ директно во главата. Црногорскиот напаѓач остана да лежи раскрвавен, а по интервенција на ВАР, судијата покажа на белата точка и му додели црвен картон на дефанзивецот на Дортмунд.
Одговорноста ја презеде Лазар Самарџиќ, кој со „челични нерви“ ја заби топката во горниот агол за 4:1 и историски пласман на Аталанта во осминафиналето!
Аталанта е „светлото во тунелот“ за Италија
Овој триумф не е само победа за Аталанта, туку и спас за италијанскиот фудбал. По испаѓањето на Наполи и бруталната елиминација на Интер вчера, тимот од Бергамо е единствениот за сега (доколку не направи и Јувентус чудо) кој ја продолжува низата на италијански претставници во нокаут-фазата која трае уште од 1987 година. Вечерва, „Божицата“ покажа дека калчото сè уште има душа и срце за големи победи.



