Чупиќ ја пофали скопската публика: Со ваква синергија од трибините мислиш дека сè е можно.

 

Објавено:

Ракометарите на Вардар 1961 остварија исклучително важна победа над португалска Бенфика со 33-27, со што го заверија своето место во нокаут-фазата од Европската лига на ЕХФ.

По завршувањето на натпреварот во СЦ „Јане Сандански“, тренерот на „црвено-црните“, Иван Чупиќ, не го криеше задоволството од пристапот и залагањето на своите ракометари. Тој посебно ја истакна дефанзивната игра, оценувајќи ја како најдобра откако е на чело на стручниот штаб.

„Сакам да им се заблагодарам на играчите кои денес оставија срце на теренот, од прв до последен. Можеби не беше најубав натпревар за око, но во првиот дел, и покрај техничките грешки, одигравме перфектна, би рекол шампионска одбрана. Оставивме нозе, раце и срце на теренот. Мислам дека откако сум јас тренер, ова беше првпат одбраната да биде на едно вакво врвно ниво,“ изјави Чупиќ на прес-конференцијата.

Хрватскиот стратег не пропушти да ја спомене и одличната атмосфера на трибините, потенцирајќи дека публиката била клучниот ветер во грбот за македонскиот тим.

„Се виде таа синергија со салата. Кога ќе те носи публиката, мислиш дека сè е можно. Денес веројатно првпат откако сум јас тука ја имавме таа синергија која те води напред,“ додаде тренерот.

Според неговата анализа, Бенфика се обидела со различни тактички варијанти, вклучително и игра „седум на шест“ и напад со двајца пивоти, но цврстиот бедем на Вардар не дозволил изненадување.

Со обезбеден пласман во следната фаза, Вардар сега се фокусира на борбата за првото место во групата, кое може да донесе директен пласман во четвртфиналето. Во последното коло, екипата гостува во Германија кај лидерот Мелсунген.

„Првата цел беше да ја минеме главната фаза и тоа го исполнивме. Не сакам математики и калкулации, иако на Балканот тоа постојано се прави. Мораме да го презентираме Вардар во вистинско светло на секој натпревар. Одиме кај Мелсунген кој е фаворит, нема да биде лесно, но максимално ќе се подготвиме. Ако одиграме добро, можеби и ќе победиме,“ заклучи Чупиќ.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено