Видеото од наводната „жешка“ расправија помеѓу тренерот на ЛА Лејкерс, Џеј-Џеј Редик, и првата ѕвезда Лука Дончиќ стана вирално на социјалните мрежи, но стратегот на „езерџиите“ тврди дека нема никаков простор за паника. Инцидентот се случи за време на натпреварот против Голден Стејт, кога Словенецот беше повлечен од игра кон крајот на првата четвртина.
Жар на борбата или вистински проблем?
Инцидентот кој се случи на дуелот против Голден Стејт изгледаше прилично сериозно – Дончиќ видно нервозен седна на клупата, го игнорираше поздравот од Редик, а по кратката вербална војна, соиграчите мораа да реагираат за да не дојде до поголем конфликт. Сепак, Редик не гледа ништо спорно во тоа.
„Искрено, не ми е јасно зошто ова стана толку вирално. За мене ова е секојдневие во НБА. Двајца натпреварувачи, двајца луѓе кои „горат“ за победа и сакаат да бидат на иста страна. Вакви работи се случуваат постојано, само што сега камерите го уловија моментот“, изјави смирено Редик.
Резултатите се најдобриот демант
Дека „езерџиите“ се фокусирани на кошарката, а не на внатрешни војни, докажува и формата на тимот. Дончиќ продолжува со „монструозни“ партии (27 поени против Пеликанс), а Лејкерси врзаа три победи по ред со кои цврсто ја држат шесттата позиција на Западот. Редик потенцираше дека неговиот однос со Лука е изграден на меѓусебна почит и дека емоциите на теренот само ја покажуваат нивната глад за успех.



