Битола вечерва не спие. Градот кој живее за ракометот доби уште една култна ноќ за која долго ќе се раскажува. Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер приреди вистинска сензација во Лигата на шампионите, откако во драматичен финиш и неверојатна борба до последната секунда, го принуди моќниот ПСЖ на реми (34-34).
Херој на вечерта е Дејан Манасков, кој со ладнокрвна реализација во последните мигови ја „запали“ салата и донесе бод кој за Битолчани има сјај на злато.
𝐑𝐞𝐬𝐮𝐥𝐭
— EHF Champions League (@ehfcl) March 4, 2026
🇲🇰HC Eurofarm Pelister 34 – 34 Paris Saint-Germain🇫🇷#ehfcl #clm #handball pic.twitter.com/gwuzmoLWF2
Пеколен старт и битка за секоја топка
Од самиот почеток беше јасно дека избраниците на Стевче Алушовски нема да излезат со „бело знаме“ пред ѕвездениот тим од Париз. Кузмановски, Видомски и Хенигман тргнаа фуриозно, покажувајќи му на Стеинс и компанија дека во Битола ниту еден гигант не поминал лесно. Иако ПСЖ во еден момент од првиот дел се одлепи на „плус четири“ (9-13), благодарение на техничките грешки на домашните, „зелено-белите“ не дозволија тоа да ги скрши.
Иранецот Хеидарирад на голот внесе потребна сигурност кога беше најтешко, а Битола знаеше да ги награди неговите одбрани со оглушувачки аплаузи. На пауза се замина со подносливи 15-18 за Французите, но вистинската бура допрва доаѓаше.
Капитенски блесок и битолски инает
Второто полувреме започна со „експлозија“ на капитенот Филип Кузмановски. Неговата енергија го повлече целиот тим, а кога на тоа се додаде искуството на Манасков, Пелистер брзо стигна до израмнување. Парижаните делуваа збунето пред фанатичната одбрана на домаќинот и вжештената атмосфера на трибините.
Во 47. минута, салата „Боро Чурлевски“ буквално еруптираше кога Кузмановски погоди од седум метри за прво водство на Пелистер (27-26). Кога Словенецот Тајник погоди за 29-27, во воздухот се чувствуваше дека чудото е на дофат.
Драма до последен здив
ПСЖ, како вистински ракометен гигант, не се предаде. Со серија од три гола го вратија водството и се чинеше дека искуството на Стеинс и Шипржак ќе пресуди. Но, Пелистер вечерва имаше „осми играч“ на трибините и срце планина.
Во последната минута, при негатива од еден гол, Алушовски побара тајм-аут и го подготви последниот напад. Топката стигна до Манасков, кој со хируршка прецизност ја погоди мрежата на ПСЖ за конечни 34-34. Битола покажа дека парите не играат на теренот, туку карактерот и љубовта кон дресот.
Ова е бод кој потврдува дека Еурофарм Пелистер конечно го најде својот ритам меѓу најдобрите во Европа. ПСЖ си заминува замислен, а Битола вечерва слави ќе ги слави своите ракометни херои!



