(Видео) Римски трилер без публика: Аталанта двапати се враќаше од „мртвите“, патникот во финалето ќе се решава во Бергамо!

 

Објавено:

Во една од најчудните ноќи што „Олимпико“ ги памети во последно време, Лацио и Аталанта одиграа спектакуларно реми (2-2) во првиот натпревар од полуфиналето на Копа Италија. Но, наместо еуфорија на трибините, натпреварот го одбележаа празни седишта и жестоки протести, додека на теренот видовме вистинска шаховска партија меѓу Маурицио Сари и Рафаел Паладино.

Гробна тишина и протести пред стадионот

Атмосферата во Рим беше надреална. Само 5.000 гледачи беа присутни на култниот стадион, додека илјадници „Ултраси“ на Лацио беа собрани надвор, бојкотирајќи го мечот во знак на протест против претседателот Клаудио Лотито. Во такви услови, каде што секој крик на играчите се слушаше до послениот ред на трибините, екипите приредија меч кој заслужи полн стадион.

Деле-Баширу со гол на кариерата, Пашалиќ од херој до трагичар

По мирното прво полувреме во кое ВАР оправдано поништи гол на Крстовиќ за гостите, вториот дел започна со „експлозија“. Фисајо Деле-Баширу го постигна својот прв гол сезонава, и тоа на каков начин – по фантастично „двојно“ со Даниел Малдини, тој ја префрли топката преку Карнесеки за водство на Лацио.

Сепак, радоста траеше кратко. Марио Пашалиќ налета на одбиена топка по ударот на Самарџиќ и израмни на 1-1. Но, Хрватот набрзо стана трагичар кога со лоша интервенција во својот шеснаесеттник му ја „подари“ топката на Булаје Диа, кој не згреши од непосредна близина за ново водство на Лацио.

Муса не дозволи пораз пред реваншот

Тимот од Бергамо, кој е единствениот претставник на Италија во Лигата на шампионите, уште еднаш покажа зошто е најжилавата екипа на Апенините. Само неколку моменти по голот на Диа, Јунус Муса на асистенција на Сулемана испрати прецизен удар од 13-тина метри, поставувајќи ги конечните 2-2.

За Лацио ова беше последна шанса да ја спаси сезоната со трофеј, но сега ќе мора да бара победа на жешкиот терен во Бергамо. Аталанта, пак, си заминува со поволен резултат, но и со грижи поради повредата на клучниот дефанзивец Џорџо Скалвини, кој предвреме го напушти теренот.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено