Во денови кога насловите во светските медиуми почесто го споменуваат неговото име поради приватни драми и казни отколку поради кошарката, Лука Дончиќ уште еднаш покажа зошто е еден од најсилните карактери во НБА лигата. Словенецот синоќа го предводеше Лос Анџелес Лејкерс до убедлив триумф над Минесота со 120-106, оставајќи го срцето на теренот на „Crypto.com“ арената.
Магија на теренот: Седми трипл-дабл во сезоната
Иако Лејкерси настапија без Леброн Џејмс, Дончиќ ја презеде целосната одговорност. За 35 минути игра, Лука запиша неверојатен учинок од 31 поен, 11 скокови и 11 асистенции, негов седми трипл-дабл сезонава. Помошта стигна од Остин Ривс, кој исто така додаде 31 поен, потврдувајќи дека ова дуо станува „ударна игла“ на тимот предводен од Џеј-Џеј Редик.
Приватен пекол: Разделба, пријави во полиција и борба за ќерките
Сепак, овој настап на Дончиќ добива на тежина кога ќе се погледнат настаните од последните 24 часа. Светот беше шокиран од веста дека Лука ја раскинал свршувачката со долгогодишната партнерка Анамарија Голтес.
Причината е болна за секој родител – Дончиќ сакал неговите две ќерки, Габриела и Оливија, да бидат со него во САД за време на сезоната, но тоа не му било овозможено. Работата отишла дотаму што била повикана и полиција по нивната расправија, а Анамарија поднела барање за алиментација.
„Сè што правам е за среќата на моите ќерки. Секогаш ќе се борам да бидам со нив и да им го дадам најдобриот живот што можам“, изјави Дончиќ во емотивното соопштение.
Казни и тензии со судиите
Како капак на сè, НБА лигата вчера го казни Дончиќ со 50.000 долари поради несоодветен гест (правење гестикулација за пари) кон судијата на натпреварот против Никс. Тоа е негова втора казна сезонава, со што вкупната сума што ја платил во глоби се искачи на 95.000 долари. Лука во моментов е втор во лигата по бројот на технички грешки (15), што само го покажува огромниот притисок под кој се наоѓа.
И покрај тоа што животот му приредува „ролеркостер“ од емоции, од раѓањето на втората ќерка во декември до сегашната битка за старателство, Дончиќ на паркетот останува професионалец. Синоќешното славје со соиграчите по победата над Минесота е доказ дека кошарката во моментов е неговото единствено прибежиште.



