По цели пет години чекање, најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, Работнички, се врати во својот вистински дом. Реновираната сала „Градски парк“, која сега го носи името „Лазар Лечиќ“ вечерва беше сведок на историска партија и убедлив триумф над екипата на Маџари со 97-74.
Шоуто на Виктор Ефремовски
Иако натпреварот беше важен поради враќањето дома, сепак главната приказна на вечерта е Виктор Ефремовски. Бекот на „центарци“ одигра натпревар кој долго ќе се памети, постигнувајќи неверојатни 50 поени!
Ефремовски беше незапирлив за одбраната на гостите, додавајќи 7 скока и 2 асистенции на своето салдо. Во финишот на мечот, целата сала беше на нозе и го скандираше неговото име, поздравувајќи ја една од најдоминантните индивидуални партии во поновата историја на Суперлигата.
Работнички моќен пред своите навивачи
Поддржани од верните „Сити Парк Бојс“, избраниците на Работнички уште од самиот почеток покажаа кој е доминантен во „Градски парк“. Прашањето на победникот беше решено веќе по првите 20 минути, а на почетокот на третата четвртина предноста веќе изнесуваше убедливи 59-34.
До крајот на мечот, домаќините рутински ја одржуваа предноста за својата седма победа сезонава. Кај гостите од Маџари, единствен кој пружи посериозен отпор беше Џавон Грин со 19 поени, што беше премалку за расположениот домаќин.



