Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер со пораз кај моќната Барселона (47:27) стави точка на својот настап во овогодинешното издание на Лигата на шампионите. Иако резултатот е висок, самото гостување во култната „Палау Блауграна“ беше еден вид награда за Битолчани за борбеноста низ целата групна фаза, која ја завршија на седмата позиција со респектабилни шест бода.
Каталонска фурија од самиот почеток
Избраниците на Стевче Алушовски, десеткувани без Тајник и Павле Атанасијевиќ, започнаа храбро и во воведните минути му парираа на европскиот гигант преку расположените Манасков и Граховац. Сепак, Ортега не калкулираше и ја пушти својата најсилна формација, која со препознатливото пеколно темпо брзо почна да ја гради предноста.
Разликата во класа стана очигледна во втората половина од првиот дел кога Барса ја „вклучи турбината“. Дика Мем и словенечкото дуо Јанц-Макуц ја казнуваа секоја грешка на Пелистерци, па на пауза се замина со високи 24:15.
Without any hesitation! 👀#ehfcl #CLM #handball pic.twitter.com/8c1ABcrmyP
— EHF Champions League (@ehfcl) March 11, 2026
Темпо кое не се издржува
Вториот дел беше чиста егзекуција на домаќинот. Барселона не застана, па со постојани ротации и транзиција стигна до двоцифрена предност која само растеше. Битолчани се обидуваа да го забават ритамот, капитенот Кузмановски и младиот Петар Атанасијевиќ имаа свои моменти, но заморот и кратката клупа си го направија своето.
Кај домаќините најефикасен беше Сола со седум гола, додека кај Пелистер стрелците беа рамномерно распоредени. Дури седуммина ракометари постигнаа по три гола (Манасков, Видомски, Ристевски, Граховац, Хенигман, Кузмановски и П. Атанасијевиќ), што покажува дека Алушовски се обиде да им даде шанса на сите да ја почувствуваат атмосферата против најдобриот тим на светот.
Пелистер се збогува со Европа со крената глава, оставајќи го Загреб зад себе на табелата и со многу научени лекции за следната сезона.



