Тензиите во македонската кошарка го достигнаа врвот по натпреварот помеѓу Работнички и Феникс. Клубот од „Градски парк“ излезе со жестоко соопштение до јавноста, изразувајќи го својот револт и сериозно незадоволство од, како што велат, тенденциозното судење кое директно влијаело врз исходот на мечот.
„Црна листа“ за судијата Александар Давидов
Главна цел на нападот на Работнички е судијата Александар Давидов. Од клубот сметаат дека неговата арбитража предизвикала револт кај играчите и стручниот штаб и јавно побараа тој повеќе да не биде делегиран на нивните натпревари.
„Работнички уште еднаш се почувствува директно оштетен од судиските одлуки. Особено сме разочарани од арбитражата на судијата Александар Давидов, чии одлуки предизвикаа голем револт. Јавно порачуваме дека не сакаме Давидов повторно да биде делегиран на натпревари на нашиот клуб, бидејќи довербата во неговата објективност е сериозно нарушена“, стои во соопштението.

Барање за итни санкции од КФМ
Од најтрофејниот македонски клуб апелираат до Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) за итна реакција и санкционирање на судијата, со цел да се заштити интегритетот на домашното првенство.
„Бараме санкции за Давидов од страна на КФМ, бидејќи само така може да се стави крај на неправдите. Клубот со ваква богата традиција нема да молчи кога е оштетен од судиските критериуми“, порачуваат од „Градски парк“.
Од Работнички се прашуваат „Кому му пречи Работнички?“ и нагласуваат дека во иднина ќе преземат сè што е потребно за да обезбедат фер и рамноправен третман на теренот.



