Вардар маестрален во Битола: Ракометен мелем за очи, пехарот е на дофат на раката!

 

Објавено:

Најголемото македонско дерби уште еднаш покажа зошто е празник за секој искрен љубител на спортот. Во преполната сала „Боро Чурлевски“, екипата на Вардар 1961 одигра перфектен натпревар, совладувајќи го актуелниот шампион Еурофарм Пелистер со 22:27 (12:11) во рамките на 2. коло од плеј-офот на Суперлигата.

Со оваа џиновска победа, избраниците на Иван Чупиќ избегаа на недостижни шест бода предност пред битолчани (46 наспроти 40), со што практично со едната рака веќе го држат шампионскиот трофеј.

Ова беше ракометен мелем за очи, за вистинските љубители на овој спорт. Диригентска партија на Јака Малус, Милан Лазаревски со совршена партија во два правци, а темпераментниот Милош Валах ја спушти ролетната на голот и ги разулави битолчани… Вардар со едната рака е на трофејот… Перфектна партија на сите до еден заедно со Иван Чупиќ на чело. Едноставно, Вардар МАЕСТРАЛЕН!

Од црвен картон до пресврт: Шампионски карактер на „црвено-црните“

Почетокот на натпреварот не наговестуваше ваков расплет. Еурофарм Пелистер носен од феноменалната публика тргна фуриозно. Работите за Вардар станаа уште потешки кога Урош Митровиќ заработи директен црвен картон уште во 9. минута. Домаќините го искористија моментумот и поведоа со 7:4 и 11:8.

Но, токму тука дојде до израз карактерот на скопскиот тим. Предводени од фантастичниот Милош Валах на голот (кој целосно го засени Никола Митревски на спротивната страна), вардарци полека ја топеа негативата. До крајот на полувремето разликата беше сведена на минимум (12:11).

Доминација во вториот дел: Малус и Лазаревски нерешлива енигма

Второто полувреме донесе вистинска ракометна клиника од страна на Вардар. Јака Малус играше симултанка со битолската одбрана (најефикасен со 8 гола од 10 обиди), додека кружниот напаѓач Милан Лазаревски беше перфектен, реализирајќи 7 гола од исто толку обиди (100% реализација).

Одличната одбрана на Вардар ги натера пелистерци на бројни технички грешки. Во моментите кога се кршеше резултатот (19:19), искусниот Гоце Георгиевски и брзиот Џуниор Тузолана (4 гола) стапија на сцена, носејќи предност од 19:22. Оттука натаму, враќање за Еурофарм Пелистер немаше.

Кај домаќините, Кузмановски, Манасков, Видомски и Хакбарт беа најефикасни со по 3 погодоци, но тоа беше премалку за расположениот противник.

Следи репрезентативна ЕХФ недела, по која Вардар го пречекува Охрид, додека Пелистер ќе гостува кај Бутел, свесен дека одбраната на титулата сега е во доменот на теоријата.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено