(Видео) Болоња го преживеа пеколот на „Олимпико“ и преку Рома закажа пресметка со Астон Вила!

 

Објавено:

Љубителите на фудбалот вечерва беа сведоци на еден од највозбудливите натпревари во последно време. Во италијанското дерби од осминафиналето на Лигата на Европа, Болоња славеше среде Рим против Рома со 4-3 по продолженија (вкупни 5-4) и го обезбеди својот билет за четвртфиналето. Стадионот „Олимпико“ уште еднаш се покажа како среќно место за гостите, кои токму тука минатата сезона го подигнаа трофејот во Купот на Италија.

Резултатска клацкалка и „проектили“ во мрежите

Натпреварот започна со висок интензитет, а Рома прва се соочи со малер откако Ману Коне мораше предвреме да го напушти теренот поради повреда. Набргу потоа, Џонатан Роу ја замолкна домашната публика со вистински „проектил“ под пречката за водство на Болоња. Иако „волчицата“ се жалеше на фаул врз Манчини во акцијата, судијата не го поништи голот.

Рома одговори преку Еван Ндика, кој највисоко скокна по еден корнер за израмнување, но пред самата пауза Стефан Ел Шарави направи невнимателен прекршок во својот шеснаесеттник. Искусниот Федерико Бернардески беше прецизен од белата точка и повторно ја донесе Болоња во предност. Возбудувањата продолжија и во вториот дел кога Сантијаго Кастро со уште еден спектакуларен удар од работ на казнениот простор зголеми на 3-1, оставајќи го Свилар немоќен.

Херојскиот камбек на Рома и „снукер“ финишот на Камбијаги

Кога се чинеше дека Римјаните се на колена, капитенот Лоренцо Пелегрини го повлече својот тим. Прво изнуди пенал кој Дониел Мален го претвори во гол, а само неколку минути подоцна и самиот се запиша во листата на стрелците со прецизен удар по земја за огромни 3-3 и делириум на трибините. Овој резултат значеше дополнителни 30 минути игра бидејќи првиот натпревар заврши 1-1.

Во продолженијата, двете екипи имаа свои шанси, но клучниот момент се случи во 111-та минута. Николо Камбијаги одигра перфектно „дупло додавање“ со Далинга, излезе сам пред Свилар и со филигрански прецизен удар, кој од внатрешниот дел на стативата се тркалаше по гол-линијата, го постави конечниот резултат. Рома немаше сили за уште еден камбек, а во самата завршница имаше и драма со пенал кој домаќините сметаа дека треба да им е досуден. Сепак, судијата не се реши за удар од белата точка, па Болоња оди во следната фаза каде ја очекува дуел со Астон Вила.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено