Вечерашната НБА програма помина во знакот на еден човек – Лука Дончиќ. Словенецот одигра партија за паметење, а покрај него, вечерта ја одбележаа и историскиот јубилеј на Леброн Џејмс, како и враќањето на Сан Антонио Спурс во плејофот по долго чекање.
Мајами Хит 126 – 134 ЛА Лејкерс
Лука Дончиќ приреди вистинско шоу во Мајами, постигнувајќи неверојатни 60 поени, што е негов втор најдобар учинок во кариерата. Со ова, тој го сруши и рекордот за најмногу поени постигнати од противнички играч во салата на Хит.
Покрај него, Леброн Џејмс запиша трипл-дабл со 19 поени, 15 скока и 10 асистенции на ноќта кога го израмни НБА рекордот по бројот на одиграни натпревари во историјата. Ова е осма победа по ред за Лејкерси, кои по лошиот старт сега се во страшен ритам. Кај Мајами најдобар беше Бам Адебајо со 28 поени.
Сан Антонио Спарс 101 – 100 Феникс Санс
Историска ноќ во Тексас! Со кошот на Виктор Вембањама на само една секунда пред крајот, Сан Антонио Спарс го победи Феникс и официјално обезбеди место во плејофот, прекинувајќи ја сушата која траеше шест сезони.
„Вемби“ заврши со 34 поени и 12 скока, потврдувајќи дека е новиот лидер на франшизата. Феникс имаше шанса за победа, но Флеминг ги промаши двете слободни фрлања пред клучниот кош на Французинот.
Шарлот Хорнетс 130 – 111 Орландо Меџик
Шарлот го „преслуша“ Орландо благодарение на неверојатниот шут за три поени (21 погодена тројка). Коби Вајт влезе од клупата и уфрли 27 поени, додека Брендон Милер додаде 25. Хорнетс за првпат по четири години имаат позитивен скор во оваа фаза од сезоната и сериозно чекорат кон доигрувањето.
Вашингтон Визардс 95 – 117 Детроит Пистонс
Лидерот на Истокот, Детроит, и без повредениот Кејд Канингам (колапс на белодробно крило), лесно се справи со Вашингтон. Џејлен Дурен доминираше во рекетот со 24 поени и 11 скока. За Визардс ова беше 14-ти пораз во низа, со што се приближуваат до неславен клупски рекорд.
Чикаго Булс 110 – 115 Кливленд Кавалирс
Иако без Донован Мичел, Кливленд успеа да слави во Чикаго. Џејмс Харден потсети на најдобрите денови со 36 поени и седум тројки, додека Еван Мобли доминираше со 26 поени и 14 скока. Кавалирс за малку ќе прокоцкаа предност од 29 поени, но Харден со клучни поени во финишот ја осигура победата.
Њу Орлеанс Пеликанс 105 – 99 ЛА Клиперс
Пеликанс ја потврдија доминацијата над Клиперси со втора победа во два дена. Треј Марфи III постигна 27 поени, а тимот ја продолжи серијата од седум победи по ред дома. Клиперси се во криза и го запишаа четвртиот последователен пораз.
Јута Џез 128 – 96 Милвоки Бакс
Јута ја прекина серијата порази со убедлив триумф над Милвоки. Младиот Ејс Бејли беше незапирлив со 33 поени и седум тројки, додека Бакс без вистинска идеја во нападот го претрпеа еден од потешките порази сезонава.
Сакраменто Кингс 118 – 139 Филаделфија 76ерс
И без Ембид и Макси, Филаделфија го „демолираше“ Сакраменто на гости. Херој на вечерта беше дебитантот Ви-Џеј Еџком, кој постигна рекордни 38 поени со 11 асистенции. Џастин Едвардс додаде 32 поени, погодувајќи седум тројки, во меч каде Кингси немаа никаков одговор за офанзивата на Сиксерси.



