По долги шпекулации, идејата за обновување на регионалното ракометно натпреварување добива официјална потврда. Претставниците на ракометните федерации на Македонија, Србија и Црна Гора на заеднички состанок донесоа цврста одлука, новата Регионална лига во машка и женска конкуренција стартува од септември оваа година!
Според досегашните најави, машката лига би требало да брои 10 клуба и да се игра по систем 4+4+2. Тоа значи дека Македонија и Србија би дале по четири претставници, додека Црна Гора би учествувала со две екипи. Очекувани македонски претставници во овој нов проект се нашите најдобри клубови: Вардар 1961, Еурофарм Пелистер, Алкалоид и ГРК Охрид. Од Србија би играле Војводина, Партизан, Динамо Панчево и Дубочица, а боите на Црна Гора би ги бранеле Ловќен и Будванска Ривиера.
Кај дамите, натпреварувањето би било уште пошироко, со учество на клубови од дури шест држави (Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија и БиХ), кои би дале по два претставника.

Прашалници надвиснати над проектот: Бенефит или товар?
Иако натпреварувањето е начелно договорено, остануваат многу неодговорени прашања, особено од македонска перспектива. Нашата Суперлига во моментов е далеку поквалитетна и понеизвесна од првенствата во Србија и Црна Гора.
Дополнително, за клубови како Еурофарм Пелистер и Вардар 1961, кои имаат сигурни или потенцијални долги настапи во европските купови, играњето во лига од 18 кола (плус домашно првенство, Куп и репрезентативни обврски) би значело убиствено темпо од над 60 натпревари во сезоната.
Исто така, за разлика од поранешната СЕХА лига, овој проект засега нема генерален спонзор, што значи дека клубовите сами ќе треба да ги покриваат трошоците за патувања и организација. Отсуството на клубови од Хрватска (ППД Загреб, Нексе) и Словенија (Целје) во машка конкуренција дополнително ја намалува тежината и атрактивноста на натпреварувањето.
Конечниот модел, форматот на игра (дали најдобрите би се приклучиле директно во плеј-офот) и сите детали ќе бидат дефинирани на клучниот состанок кој во април ќе се одржи во Скопје, на кој ќе присуствуваат и претставниците на самите клубови.
Останува да видиме дали оваа лига ќе донесе вистински спортски напредок или само ќе го исцеди и онака напорниот календар на нашите најдобри екипи.



