Најголемиот македонски фудбалер на сите времиња, Горан Пандев, беше гостин во најновото издание на подкастот на ФФМ. Во емотивен и искрен разговор, популарниот „Гранде Пандев“ се осврна на претстојниот бараж против Данска, новата ера со Гоце Седлоски, но и на некои болни спомени од минатото.
„Данска е фаворит, но овие момци имаат искуство“
Пандев не штедеше пофалби за сегашниот состав на репрезентацијата, нагласувајќи дека ова е група на играчи која веќе поминала низ многу тешки фудбалски „битки“.
„Живееме за овој натпревар во Данска. Ова е финале за нас. Убеден сум дека момците ќе го дадат максимумот, бидејќи имаат големо искуство во нозете. Многу пати сум рекол – за мене ова е најдобрата генерација во историјата на македонскиот фудбал и верувам дека сонот за Светско првенство може да стане реалност“, порача Пандев.

Седлоски е вистинскиот избор: „Тој не сака да губи“
Пандев даде полна поддршка за својот поранешен соиграч, а сега селектор, Гоце Седлоски. Тој смета дека „Седло“ е човекот кој може да ја подигне дисциплината и победничкиот дух на посакуваното ниво.
„Гоце го заслужува ова за сè што направи за македонскиот фудбал. Тој е човек со неверојатен ентузијазам, човек кој едноставно не сака да губи. Неговиот победнички дух и дисциплина се токму тоа што му треба на овој тим“, вели Пандев, потсетувајќи на познатиот темперамент на Седлоски.
Критика за Европското првенство: „Отидовме како растурена банда“
Иако секогаш позитивен, Пандев за првпат отворено прозборе за разочарувањето од настапот на ЕП во Романија, упатувајќи директни критики кон тогашниот систем на работа.
„Ми е жал што не направивме подобар резултат тогаш. Отидовме таму како ‘растурена банда’. Тактички и ментално не бевме спремни. Се базиравме само на индивидуален квалитет – ќе му ја дадеме топката на Горан или ќе чекаме Барди да погоди слободен удар. Не видов систем, не видов дисциплина на тренинзите и затоа заврши така“, искрен е легендарниот капитен.
Наследниците кои треба да го предводат тимот
Пандев со гордост гледа во своите наследници, особено во Енис Барди и Елиф Елмас, кои денес се столбовите на репрезентацијата. За сегашниот капитен Барди, тој вели дека е тивок лидер со прекрасен карактер и голем играч кој апсолутно ја заслужува лентата. Од друга страна, Пандев потенцираше дека Елмас е веќе „топ играч“ на европско ниво кој е сè уште млад и допрва ќе нè радува со големи успеси и трофеи во неговата кариера.
Новата улога во ФФМ
Сега како директор на националните репрезентации, Пандев истакна дека е презадоволен од работата на федерацијата. Тој е фокусиран на убедување на младите таленти од дијаспората да заиграат за Македонија, со јасна порака дека за овој дрес треба да се остави срцето на теренот.



